Четири години не се градат и стојат во фаза на карабина зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ).
Изградбата на двете згради во рамките на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ почнаа да се градат пред 7 години кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Според проектот, требаше да бидат во барок и во нив да се преселат студентите на овие два факултети. Но, по доаѓањето на власт на СДСМ, фирмата изведувач „Бетон Штип“ отиде во стечај и зградите останаа да стојат недоградени во фаза на карабина и веќе четири години на нив не се изведуваат никакви градежни активности.
СДСМ и ДУИ се на власт шест години. Во Министерството за образование се сменија неколку министри од СДСМ и ДУИ, но ниту еден од нив сите овие години не најде начин, ниту покажа иницијатива за да се довршат зградите за кои веќе се потрошени над 3 милиони евра. Уште не е распишан тендер за избор на нова фирма која ќе ги догради зградите.
Од Министерството за образование велат дека во тек е ревидирање на проектите за изградба на ФИНКИ и ФФК, а целта е да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката на објектите, а не се поврзани со функционалноста, со цел да се намалат непотребните трошоци во услови на економска криза.
„Откако ќе заврши ревидирањето, ќе се спроведе и постапка за јавна набавка, со цел избор на економски оператор кој ќе ја доврши изградбата. Инаку, во буџетот на МОН за 2023 година предвидени се 21,6 милиони денари (350.000 евра) со цел продолжување на реализацијата на оваа инвестиција“, велат од Министерството.
Со оглед на тоа што во буџетот за годинава се предвидени само 350.000 евра за овој проект, годинава не се ни очекува да продолжи градбата со оглед на тоа дека тоа се малку пари за градежни работи на двете згради.
Според тендерот и договорот кој беше склучен со „Бетон Штип“, изградбата на зградата на ФИНКИ чини 10 милиони евра, а на Факултет за физичка култура 5,9 милиони евра.
А. АНТЕВСКА