СО КАМЕНУВАЊЕ СКРШЕНИ СТАКЛАТА НА МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ „НИКОЛА ВАПЦАРОВ“ ВО БЛАГОЕВГРАД

    СО КАМЕНУВАЊЕ СКРШЕНИ СТАКЛАТА НА МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ „НИКОЛА ВАПЦАРОВ“ ВО БЛАГОЕВГРАДМакедонскиот клуб во Благоевград беше отворен лани на 30 октомври. (Фото: БГНЕС)

    Синоќа со каменување е искршено стаклото од влезот на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија. Според бугарските медиуми, бугарската полиција извшила увид и потврдила дека по 21 часот е каменуван излогот на клубот.

    Каменувањето се случи откако вчера, по 300 евра парична казна и протерување и 3 години забрана за влез во земјава добија тројцата бугарски државјани кои на граничниот премин Деве Баир се обиделе физички да нападнат полицајци, соопшти доцна вечерва Министерството за внатрешни работи (МВР). Тоа беше претпладнето, кога повеќе од два часа беше паднат системот на сите гранични премини во земјава, поради што не се пропуштаа возила. Меѓу блокираните беа и 100-150 бугарски граѓани, кои заедно со бугарската делегација на чело со министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев требаше да дојдат во Скопје на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Поради тензиите со Бугарија, вчерашното одбележување беше прогласено за настан од висок безбедносен ризик.

    Македонскиот клуб во Благоевград беше отворен лани на 30 октомври. На отворањето на клубот присуствуваа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев, како и генералниот секретар во претседателскиот кабинет Миле Бошњаковски. Паралелно со отворањето на клубот „Никола Вапцаров“, на плоштадот во Благоевград, кај споменикот на Гоце Делчев, имаше мал протест на приврзаници на бугарска партија ВМРО-БНД, предводени од европратеникот Ангел Џамбаски, познат по радикалните антимакедонски ставови. Џамбаски и приврзаниците ги спречија македонските делегации да положат цвеќе на споменикот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира