ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПРЕСУШУВА ЧЕКАЈЌИ СПАС ОД БИРОКРАТИЈАТА

    ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПРЕСУШУВА ЧЕКАЈЌИ СПАС ОД БИРОКРАТИЈАТАСо груба пресметка може да се каже дека во просек од езерото годишно неповратно истекува количина од 1,68м3 /с. (Фото: СДК.МК)

    Во изминатиот период се напишаа стратегии, акциски планови, се потпишаа договори, но жителите од Преспа бараат од потпис да се премине на дела за спас на Преспанското Езеро. И зимава водата се повлекува, а тие стравуваат дека со годините ќе пресуши.

    „Ај прво велеа нема стратегија, треба да се донесе, па чекавме да се стори тоа. Потоа нема трилатерални договори, треба да се потпишат, ај чекавме и тоа да заврши. Па фати пандемијата, не можеле средби да се одржуваат според планираното. Доста е од административни работи! Кога од нив резултатите ќе ги видиме на терен, да се преземат конкретни активности за спас на Езерото? Од потпис да се премине на дела“, реагираат жители на Претор со кои разговаравме деновиве.

    Уште пред две години беше донесен Акциски план за спас на Езерото со конкретни мерки и рокови, а премиерот Димитар Ковачевски минатиот месец во Преспа изјави дека ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе се определат мерки и активности.

    „Државата ќе преземе сѐшто е во нејзина надлежност и можности во однос на непогодата кое му се случува на Езерото. Тоа е природно поврзано со Охридското и како резултат на овие климатски промени кои се случуваат, има се помалку врнежи, водостојот на реките и езерата во државата е намален како во цела Европа. Ние разговаравме со ресорните министерства во однос на овој проблем и дека во следниот преиод ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе можат да се определат активности и мерки за тоа како да се спаси Преспанското Езеро, исто како што во минатото беше направено и со Охридското. Се работи за проект кој ќе треба да биде поддржан и од наши партнери финансиски, но државата нема да го остави Преспанското Езеро така“, рече Ковачевски.

    Од Министерството за животна средина посочуваат дека се спроведуваат бројни проекти за подобрување на состојбите. Преку „Идентификација на антропогените влијанија“ се спроведени истражувања за квалитетот на водата во литоралната зона од Езерото. Преку „Проект Преспа“ од 2021-2024 предвидено е и отворање на локални канцеларии во македонска и албанска Преспа, по примерот во Грција. Реузлтатите од „Зајакнување на капацитетите на Општина Ресен“ покажаа дека еутрофикацијата му се заканува на Преспанското Езеро. Со „ЕУ за Преспа“ ќе се поддржи спроведувањето на зелената агенда во прекуграничната област фокусирајќи се на столбовите на биолошката разновидност, животната средина без токсични материи и зазеленување на земјоделството.

    Исто така, Управата за хидро-метеоролошки работи (УХМР) успеа да го подобри мониторинг системот во сливот на Преспанското и Охридското Езеро кој долги години беше во застој. Во текот на оваа година се очекува да заврши поставувањето на хидролошките автоматски станици. За спроведување на Договорот за заштита на Преспанскиот Регион меѓу Македонија, Албанија и Грција досега се одржани два состаноци, а следниот е предвиден за годинава. Во декември лани Општините Ресен, Преспа и Пустец потпишаа меморандум за подобра соработка.

    Според податоци од Министерството, од втората половина од 20. век, на Езерото му се случуваат поголеми антропогени зафати, и тоа користење на водите од Малото Преспанско Езеро и префрлање на вода во Корчанскиот систем за наводнување (надвор од сливот на езерото); поставени се црпни пумпи кај Асамати и Сирхан за префрлување на вода во системот за наводнување на Ресенското Поле; подигнување на преграда на спојот меѓу Малото и Големото Езеро, при што е спречен природниот површински истек; дополнително се поставени затворачи кои ги контролираат и поголемите води што истекуваат неповратно кон Албанија; во сливот на езерото се интензивираат изведувањата на нови бушотини за индивидуално црпење на вода и локално наводнување.

    Сите овие човекови активности, директно условуваат брзо спуштање на водостојот. Со груба пресметка може да се каже дека во просек од езерото годишно неповратно истекува количина од 1,68м3 /с. Во минатите 200 години, посредно или непосредно може да се заклучи дека периодот на максимално и минимално ниво е со променлива периода и се движи од 25 до 40 години.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира