ПОЧИНА ПАЦИЕНТ СО ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА, ЧЕКАЈЌИ ДРЖАВАТА ДА ГИ СМЕНИ ЗАКОНИТЕ И ДА ГО НАБАВИ ЛЕКОТ „ТРИКАФТА“

    ПОЧИНА ПАЦИЕНТ СО ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА, ЧЕКАЈЌИ ДРЖАВАТА ДА ГИ СМЕНИ ЗАКОНИТЕ И ДА ГО НАБАВИ ЛЕКОТ „ТРИКАФТА“Асоцијацијата на 4 февруари протестираше пред Владата за државата да им го обезбеди современиот лек „трикафта“. (Фото: К. Попов)

    Почина Благојче Илиевски, пациент со цистична фиброза, објави Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ), додавајќи дека не дочека да го прими лекот „трикафта“. Во земјава има околу 130 пациенти со цистична фиброза (ЦФ) кои изминативе месеци молат и протестираат за државата да им го обезбеди современиот лек „трикафта“ со кој значително се подобрува животот.

    „Со преголема тага и скршеност известуваме дека денеска изгубивме еден свој соборец, кој до последен здив веруваше дека ќе ја дочека новата терапија со ‘трикафта’, надеж која заедно со него ја крепевме со последните атоми, стотина пациенти во државата, главно деца и млади со ЦФ. Поради ова, нашиот револт, огорченост и потресеност се исклучително големи, особено затоа што како АЦФ лекот го бараме од 2020 и апелиравме постојано за итноста од воведување современа модулаторна терапија“, вели Асоцијацијата.

    Министерот за здравство Беким Сали уште од минатата недела најави дека прво мора да се сменат три закони за да може да се набави лекот, и дека засега се направени само контакти со производителот. Асоцијацијата веднаш реагираше дека не им верува на усните ветувања на министерот за здравство Сали дека ќе се набави лекот „трикафта“.

    Сали претпладнево кажа дека се детектирани членовите на трите закони кои треба да се изменат.

    „Се надевам дека набрзо во Собрание ќе се усвојат измените за да можеме ние да преминеме кон дирекни преговори за набавка на лекот. Со овие измени даваме можност со пониска цена и да се скрати времето потребно за набавка. Сега мора да се распише тендер, а постапката од два до три месеци. Ќе се обезбеди лек за 30 пациенти кои се со тешка и полутешка форма на цистична фиброза“, рече денеска министерот на настан во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира