ЗА ДА МОЖЕ ДИРЕКТНО ДА СЕ ПРЕГОВАРА СО ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ЛЕКОТ ЗА ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА ТРЕБА ДА СЕ ПРОМЕНАТ ТРИ ЗАКОНИ, РЕЧЕ САЛИ

    ЗА ДА МОЖЕ ДИРЕКТНО ДА СЕ ПРЕГОВАРА СО ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ЛЕКОТ ЗА ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА ТРЕБА ДА СЕ ПРОМЕНАТ ТРИ ЗАКОНИ, РЕЧЕ САЛИМинистерот за здравство денеска во Тетовската болница претстави дел од медицинската опрема обезбедена во соработка со Светска банка. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Беким Сали, при денешната посета на Клиничката болница во Тетово, повтори дека Министерството ќе го обезбеди лекот „трикафта“ за 8 пациенти со цистична фиброза кои се во најтешка состојба, додека се настојува до крајот на годината да се обезбеди од лекот на уште 22 пациенти кои се со средно тешка состојба. Тој кажа дека сè уште нема договор за набавка на лекот, туку дека засега се направени само контакти со производителот.

    „За осум пациенти сигурно ќе го обезбедиме лекот, но нашиот стремеж е да се обезбеди за 30 пациенти во првата група. Се надевам дека за идната година ќе бидеме подобро подготвени за набавка на терапијата и за другите пациенти кои ќе имаат потреба од третман. Давањето законска можност за преговарање директно со фабриката ни овозможува добивање пониска цена на терапијата. Сепак, поради условите за преговарање, тие цени нема да бидат јавни бидејќи фабриките развиваат нивни регионални политики и некогаш си дозволуваат давање посебни понуди за посебни држави. Тие сигурно за нас би дале поволна понуда. Сè уште немаме договор со фабриката, но имаме комуникација со нив. Исто така, работиме и на сите потребни измени на законите кои што ќе ни го дозволат ова. Треба да се сменат некои членови од Законите за лекови, Законот за јавни набавки и Законот за здравствено осигурување, кои ќе ни дозволат директно да преговараме со производителите за одредени лекови. Во оваа работна група ќе биде вметнат и еден член од Асоцијацијата за цистична фиброза за да има поголема транспарентност во она што ќе го работиме“, рече Сали.

    Асоцијацијата за цистична фиброзa во саботата протестираа пред Владата, а болните се револтирани оти државата не воведува модулаторна терапија за сите пациенти, која од корен ја изменува состојбата на сите болни. Асоцијацијата претходно реагираше дека не им верува на усните ветувања на министерот за здравство Сали дека ќе се набави лекот „трикафта“.

    Министерот Сали, заедно со директорот на Клиничката болница во Тетово Амир Елези, претставија дел од медицинската опрема која е обезбедена во соработка со Светска банка. Опремата за Тетовската болница е во вредност од 3,5 милиони евра, а се состои од неколку апарати за ехо дијагностика, два подвижни рендген апарати и друга опрема. Вредноста на вкупно набавената опрема преку Светска банка изнесува околу 13,6 милиони евра и таа ќе биде распределена во уште 13 други здравствени установи во државата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира