Битолчани денес се збогуваа со сограѓанинот Благојче Илиевски- Ѕвончарот кој боледуваше од цитична фиброза, а почина вчера чекајќи државата да го набави лекот „трикафта“. 45-годишниот битолчанец кој повеќе години се бореше со оваа болест, беше меѓу осумтемина пациенти кои имаат најитна потреба од лекот, но не дочека државата да обезбеди средства за набавка. Почина вчера, а денес беше погребан на Светонеделските гробишта во Битола. Зад себе ги остави сопругата и малолетната ќерка.
Битолчани критикуваат дека тој е жртва на здравствениот систем во земјава. Велат дека замина последниот битолски ѕвончар, оти Благојче потекнуваше од семејство на ѕвончари. Денес во Улицата на ѕвончарите во Битола беше тивко. На еден од дуќаните беше поставен негов неролог.
„Нема оправдување за тоа во денешно време да се умира кога постои лек за болеста. Ова е слично со случајот на Тамара од Велес“ , коментираат соседите, потсетувајќи се на деветгодишната Тамара Димовска која почина на 9 февруари 2015, заглавена во бирократските процедури на Фондот за здравство за операција во странство.
Пациентите со оваа болест неколкупати протестираа барајќи државата да го набави лекот „трикафта“. Властите неодамна најавија дека ќе бидат потребни измени на законот за да се набави лекот директно од производителот оти е скап.
Ден по смртта на Илијевски, министерот за здравство Беким Сали најави дека се обезбедени 140 милиони денари за лекот „трикафта“ за 8 пациенти со цистична фиброза. Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде сумата од 563.504.040 денари се зголемува на 703.504.040 денари, односно за дополнителни 140 милиони денари.
Во соопштение попладнево, министерот Беким Сали повика да не се прави „евтин обид за политички поени врз грбот на една ваква трагедија“.
„Затоа, еве ги фактите. (1) Факт е дека Министерството за здравство уште на 27.01 од Владата побара да се обезбедат средства за нова набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза. (2) Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата на РСМ, ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства. (3) Факт е дека лек во доволни количини нема заради недонесувањето на таа одлука, а не заради МЗ. Оттаму, не ми е јасен обидот за префрлање на вината кон МЗ, кога ниту обезбедувањето средства, ниту набавката на лекот не се во наша надлежност. Средствата се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување, а набавката ја спроведува соодветната клиника. Но, дури ни тие не можат да постапат без одлука на Владата или без налог на премиерот“, соопшти Сали изразувајќи сочувство до семејството на Илијевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА