НЕ ТРЕБА МНОГУ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ЗАГАДУВАЊЕТО И ДА СЕ ПОДОБРИ ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, ПОКАЖА НОВА СТУДИЈА

    НЕ ТРЕБА МНОГУ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ ЗА ДА СЕ НАМАЛИ ЗАГАДУВАЊЕТО И ДА СЕ ПОДОБРИ ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ, ПОКАЖА НОВА СТУДИЈАСепак, студијата покажа дека електричните автомобили се скап начин за справување со загадувањето и најголема корист имаат побогатите кои можат да си ги дозволат. (Фото: Пекселс)

    Транспортот е најголем извор на загадување со стакленички гасови во САД и електричните автомобили и камиони се клучен чекор во намалувањето на влијанието на овој сектор на глобалните температури. Но, префрлувањето од фосилни горива на струја има видлив придонес за заштита на животната средина уште сега и тоа влијае на подобрување на јавното здравје.

    Логично е дека електричен автомобил придонесува помалку за загадување на воздухот од автомобил на бензин или дизел. Нема издувни гасови како јаглероден моноксид, сулфурни оксиди, азотни оксиди, алдехиди итн. Кога ќе се вдишат, овие хемикалии придонесуваат за висок крвен притисок, белодробни заболувања и можат да предизвикаат напади кај астматичарите.

    Аерозагадувањето придонесува за 200.000 смртни случаи годишно во САД. Според некои проценки, здравствените и економските бенефити од намаленото аерозагадување се доволни да се оправда транзицијата кон чиста енергија.

    Замената на возила со мотори на внатрешно согорување со електрични возила ќе ги намали овие здравствени проблеми. Според нова студија, дури и не се потребни толку многу електрични возила за да има мерливи ефекти.

    Студија објавена месецов во журналот Наука за целосна животна средина покажа дека во Калифорнија, секои 20 електрични автомобили на 1.000 жители водат кон намалување од 3,2 отсто на посетите на болниците поради астма.

    Она што е интересно е дека истражувачите дојдоа до ваков заклучок проучувајќи реални нивоа на загадување на воздухот и здравствени проблеми, место да користат модели и симулации.

    „Навистина сакавме да користиме податоци од реалниот живот, што е можно пореални, за да видиме дали има влијание на здравствената состојба и на загадувањето на воздухот“, кажа коавторот на студијата Сенди Екел од Универзитетот на Јужна Калифорнија.

    Сепак, студијата покажа дека електричните автомобили се скап начин за справување со загадувањето и најголема корист имаат побогатите кои можат да си ги дозволат.

    Просечната цена на нов автомобил во САД лани била 48.000 долари, додека нов електричен автомобил просечно чинел 66.000 долари.

    Дополнително, има случаи со поголемите електрични возила како, на пример, електричен Хамер, кој повеќе загадува од мал автомобил на бензински погон.

    Затоа, треба да се гледа подалеку од електричните автомобили, туку и да се посвети повеќе внимание на електрификацијата на јавниот превоз и камионите, но и да се овозможи полесен живот без автомобил за граѓаните.

    Во 2022 година, електричните автомобили биле 5,8 отсто од продадените нови автомобили во САД, додека во 2021 година биле 3,1 отсто.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира