На судскиот процес за случајот „Поткуп“ против лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица Зоран Заев, кој почна утрово, обвинетиот Зоран Заев и неговата одбрана побараа изземање на обвинителот Владимир Милошевски. Притоа, тие за прв пат соопштија дека Специјалното јавно обвинителство повело истрага против него. Според Заев и одбраната, истрагата што ја повело СЈО уште пред повеќе од осум месеци против обвинителот од Обвинителството за организиран криминал на Јован Илиевски и Марко Зврлевски е по поднесена кривична пријава против него од страна на обвинетиот Зоран Заев.
Кривичната пријава, како што рече адвокатот на Зоран Заев Јаким Наумов, се однесува и на Никола Груевски, Сашо Мијалков, Иван Николов, Драган Павловиќ-Латас и други, а со неа обвинителот Милошевски и споменатите се товарат за злосторничко здружување со цел монтирање случај и јавно судење на Зоран Заев.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска, која го води овој процес, рече дека Судот прв пат слуша за постоење на ваква кривична пријава и истрага од СЈО, на што адвокатот на Заев ја упати да побара известување од СЈО.
Одбраната бара изземање и поради тоа што обвинителот Милошевски никако не им ги дава доказите од ПИ-мерките против обвинетиот Заев, со кои тој е обвинет за поткуп. Одбраната потенцираше дека со тоа му е оневозможен принцип на правичност на обвинетиот. Воедно, одбраната смета дека од страна на обвинителот Милошевски, кој единствен располага со ПИ-мерките кои излегоа на „Јутјуб“, социјалните мрежи и на телевизиите „Сител“, „Канал 5“ и „Телма“, е прекршена и Европската конвенција за човекови права, како и стандардите изградени во праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Обвинетиот Заев стана и му се обрати на судот:
„Постојат сериозни индиции дека јавниот обвинител Милошевски е дел од злосторничко здружување и ја злоупотребил институцијата Јавно обвинителство за политички цели. Тој е должен да ги чува ПИ-мерките и никој друг, а тие се јавно објавени и искасапени. Има и антидатирање на наредбата за прислушување. СЈО поседува докази за мое прислушување надвор од термините дадени во наредбата како ПИ-мерка. Обвинителот против мене и повеќе членови на СДСМ води повеќе истраги, а не сум чул во неговата работа да има истрага против власта, т.е. против моите политички опоненти“, образложи дел од аргументите Заев зошто се бара изземање на обвинителот Милошевски.
Судијката даде двочасовна пауза за евентуално да се почека дали обвинителството ќе одлучи за изземањето на Милошевски.
Заев, според обвинението, се товари дека во својство на службено лице, како градоначалник на Струмица, од бизнисменот Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.
Судењето на лидерот на СДСМ за овој случај досега неколкупати се одложуваше. Рочиштето претходно требаше да се одржи на 22 ноември, но беше одложено за денеска бидејќи во судницата не се појавија адвокатите на Заев, а самиот тој бараше судењето да се презакаже за по изборите, поради презафатеност со изборната кампања.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска, која го води случајот „Поткуп, воедно е и заменик-претседател на Основниот суд Скопје 1.
С.К. Делевска