Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски од општинскиот буџет ќе ги награди со по една просечна плата петтемина битолски спасувачи, кои учествуваа во спасување на евентуално преживеани луѓе и извлекување на жртвите во турскиот град Адијаман, после катастрофалниот земјотрес што се случи минатиот понеделник во Турција и Сирија.
Битолските спасувачи Петар Нолев, Зоран Балуловски, Владо Николовски, Петре Илиоски и Игор Радичовски, утрово се вратија од Турција по повеќедневно учество во спасувачката акција. За да стигнат до настраданите подрачја беа принудени да патуваат 30 часа. Сепак, желбата да се помогне во спасувањето на човечки животи, беше доволно силна и тие неуморно работеа на терен.
„Битола е горда што има вакви луѓе, обучени за брз одговор за спасување од планина и високи објекти кои можат и сакаат своето знаење и подготвеност да ги употребат за најхуманата работа – спасување човечки животи. Тие се подготвени секогаш да бидат на висина на задачата и професионално да одговорат“, рече градоначалникот Коњановски кој спасувачката екипа денес ја прими во својот кабинет.
Битолските спасувачи пред некој ден изјавија дека голем дел од градот Адијаман, кој е во близина на сириската граница е разрушен, па наликува на Хирошима од Втората светска војна и дека за жал, од под урнатините извлекле само мртви тела.
Денеска, 9 дена по земјотресот, девет преживеани беа спасени од урнатините во Турција, додека фокусот на напорите за помош се префрли на помагање на луѓето кои сега се без засолниште или доволно храна на големиот студ. Катастрофата, со комбиниран број на загинати во Турција и соседна Сирија над 41.000, опустоши градови во двете земји, оставајќи многу преживеани без покрив над главата на ниските зимски температури.
Ж. ЗДРАВКОВСКА