По 30 години, од печат излегува нова книга за историјата на битолските Евреи. „Траги на еврејското наследство во Битола“ е првата книга на авторот Зоран Ѓоргиев, кој повеќе години е хроничар на градот на социјалните мрежи. По професија е правник, а посетува магистерски студии на студиската програма Холокауст при Универзитетот во Хаифа, Израел.
На 200 страници со стотина црно-бели фотографии содржани се 11 приказни за битолски еврејски фамилии и три фактографски податоци за синагогата Арагон, верското училиште „Талмуд Тора“ и пергаменти во спомен на 11 март 1943, кога битолските Евреи беа депортирани во Треблинка. Делото ги оживува спомените за големите битолски фамилии Албала, Нахмијас, Франко, Асео, Ароести, Шами Калдерон, Колономос, Де Мајо, Батино, Медонса и Јаков Ароести со точните локации каде живееле.
„Податоците во голем дел се лично мои истражувања и контакти со луѓе од Битола и странство, црпени и од Државен архив-Одделение Битола и битолскиот Катастар, обработени и поврзани со повеќе книги и пишани материјали, кои се изданија на ЕЗРМ, Фондот на Холокаустот, Шломо Албохер, Ѓорѓи Димовски-Цолев, Жени Лебл, Марк Коен и други“, вели Ѓоргиев.
Книгата ја посвети на мајка му Олга Ѓоргиева, а одлучи да ја испечати годинава по повод 80-годишнината од депортацијата на битолските Евреи, за кои вели дека во голема мера придонесле за развојот и подемот на Битола.
„Ме исполнува кога некој прави нешто за градот во кој живее. Јас истото го направив и за него и за нив, оставајќи една мала трага од големото еврејско наследство кое го крие Битола, некогашен Монастир. Оваа книга е само увертира и навестување за нова, поголема публикација на англиски јазик со над 600 страни“, вели Ѓоргиев.
Тој е благодарен на Државниот архив-Одделение Битола, кој помогна ова дело да биде богато и комплетно. Рецензент е битолскиот публицист, хроничар и професор Александар Стерјовски. Последната книга за битолските Евреи беше објавена во 1993 од историчарот Ѓорги Димовски-Цолев.
Ж. ЗДРАВКОВСКА