Некогаш најмоќниот холивудски продуцент Харви Вајнстин молеше за милост пред судот во Лос Анџелес да му изрече нова, 16-годишна затворска казна за силување. Тој беше обвинет за напад врз актерка во хотелска соба за време на филмски фестивал во Лос Анџелес во февруари 2013.
„Ве молам, не ме осудувајте на доживотен затвор. Не го заслужувам тоа“, кажа Вајнстин во судницата.
Повеќе од 80 жени го обвинија Вајнстин за силување и сексуално вознемирување, случаи кои датираат уште од крајот на 1970-ите. Седумдесетгодишниот Вајнстин веќе служи 23-годишна затворска казна, на која беше осуден претходно во Њујорк.
Пред изрекувањето на последната пресуда, Вајнстин тврдеше дека е невин и жртва на местенка. На 19 декември, поротата го прогласи за виновен за еден случај на силување и за два случаја на сексуален напад врз актерка, чиј идентитет остана заштитен.
Таа кажа дека чувствувала траума многу години по нападот.
„Пред таа ноќ бев многу среќна и самоуверена жена. Сè се промени откако тој брутално ме нападна. Не постои доволно долга затворска казна која би ја поништила штетата“, кажа актерката.