БИТОЛСКИОТ ОФИЦЕРСКИ ДОМ ЗАБРАНИ НАСТАНИ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ, ЌЕ СЕ ОДРЖУВААТ ВО КИНОТО „МАНАКИ“

    БИТОЛСКИОТ ОФИЦЕРСКИ ДОМ ЗАБРАНИ НАСТАНИ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ, ЌЕ СЕ ОДРЖУВААТ ВО КИНОТО „МАНАКИ“Одлуката е на Културно-информативниот центар (КИЦ) кој управува со двата објекти во Битола, а по сугестија на советниците од општинскиот Совет. (Фото: Архивска фотографија)

    Политичките партии своите настани во иднина не ќе можат да ги одржуваат во Офицерскиот дом во Битола, кој стана средиште на културните збиднувања во градот, туку ќе бидат пренасочени во киното „Манаки“. Вака одлучи Културно-информативниот центар (КИЦ) кој управува со двата објекти во Битола, а по сугестија на советниците од општинскиот Совет.

    „Имаме и сугестии од страна на Советот настаните што ги организираат политичките партии да ги пренасочиме во Киното ‘Манаки’. Политичките партии си плаќаат за нивните настани и ги сметаме за комерцијални настани, а понекогаш тие се и настани од културата погодни за во салите во Офицерски. Но, ги слушаме сугестиите и ќе ги пренасочиме“, рече директорката на КИЦ Лили Бошевска.

    Културно-информативниот центар од Битола беше домаќини на повеќе од четиристотини културни и други јавни настани за само десет месеци активна работа во 2022, при што прими преку 65.000 публика, а на сценските простори на КИЦ во Офицерски дом и кино „Манаки“, настапија преку 500 изведувачи од сите културни сегменти, како музичари, актери, поети, сликари, фотографи, мултимедијални артисти и други.

    Финансиските параметри покажуваат дека кога почнуваа со работа на сметката имаа само 100.000 денари, а сега салдото им е 1,2 милиони денари заработени од културни настани и самофинансирање на уметници и аматери. Сепак, Бошевска вели дека прават селекција кои настани можат да бидат изведувани во нивните простории, тоа се случувања кои ја подигаат културната вредност, а не како неодамнешната понуда на организација која сакала во Офицерскиот дом да организира настан со вино и храна, но биле одбиени оти, како што вели Бошевска, немаат намера објектот да го претворат во ресторан.

    Офицерскиот дом е еден од највелелепните објекти на Широк Сокак, а беше реновиран за време на претходната локална власт предводена од СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира