КАСАМИ ПРЕДЛАГА ДА СЕ ИЗГРАДАТ ТЕРАСИ НАД КОРИТОТО НА ПЕНА, ТЕТОВЦИ ВЕЛАТ ПРВО НЕКА СЕ ИСЧИСТИ ЃУБРЕТО ОД РЕКАТА

    КАСАМИ ПРЕДЛАГА ДА СЕ ИЗГРАДАТ ТЕРАСИ НАД КОРИТОТО НА ПЕНА, ТЕТОВЦИ ВЕЛАТ ПРВО НЕКА СЕ ИСЧИСТИ ЃУБРЕТО ОД РЕКАТАТетовци се со поделени мислења, некои предупредуваат дека реката Пена е непредвидлива и знае да надојде, па тогаш постои опасност и да ги однесе овие тераси кои треба да се изградат над незиното корито. (Фото: Општина Тетово)

    Општина Тетово планира да ја разубави реката Пена, така што на нејзиното корито  да се изградат платформи за да можат угостителите во летниот период да поставуваат маси и столици. Оваа идеја беше претставена на јавна трибина пред граѓаните на Тетово, каде тие можеа преку презентација да ја видат замислата на Општината, но и да го кажат своето мислење за неа.

    „Сакаме да ги консултираме граѓаните за идејата во делот од реката Пена да има тераси за ресторани и кафулиња, со цел да им дадеме можност за развој на угостителските објекти покрај реката, а се надеваме дека вака ќе придонесеме и за надополнување на убавината на реката. Предвидуваме овие тераси да ги прават самите инвеститори според унифицирани нацрти. Идејата е наместо да се поставуваат маси и столови на тротоарите каде минуваат граѓаните, сега тие ќе бидат ставени над реката Пена“, ја образложи идејата градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

    Тетовци се со поделени мислења за оваа иницијатива на Општината, за некои е добра, но некои предупредуваат дека реката Пена е непредвидлива и знае да надојде, па тогаш постои опасност и да ги однесе овие тераси кои треба да се изградат над незиното корито.

    „Знае реката Пена да надојде и да се излее. Мене лично не би ми пречело нешто вакво, но сепак не би ја прифатил таа идеја од причините кои ги наведов“, „Јас сум против тоа. Таа река и така е еколошки загадена, а со ова мислам дека уште повеќе ќе придонесе за нејзиното загадување“, „Сѐ што се работи е добро, но ако е тоа само за кафулиња не знам колку е добро“, „Сум видел нешто слично на Запад, а ако успеат тоа да го направат, би било добро“, „За рестораните ова би било добра идеја, но мора да се пази, бидејќи реката знае да надојде и може да настане блокирање на коритото и излевање на реката“, „Прво и основно треба да ја исчистат реката Пена од сето ѓубре што се фрла во неа, а потоа да внимаваат и да го казнуваат секој што ја загадува реката, па дури после да градат вакви тераси“, се само дел од размислувањата на граѓаните за идејата за поставување тераси над Пена.

    Од Општината велат дека овој предлог проект ќе биде исплатлив, Општината нема да дава пари за изградбата на терасите бидејќи тоа ќе го прават инвеститорите. Тие, во првиот период додека не ја повратат инвестицијата ќе плаќаат намалена такса за просторот што ќе го користат, а потоа таа ќе изнесува како и за сите други објекти во градот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира