Домашни миленици да можат да се возат во автобусите на ЈСП „Скопје“, бара граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“. Двајцата советници од „Зелен хуман град“, Драгана Велковска и Горјан Јовановски, поднесоа до Советот на Град Скопје иницијатива за слободен пристап на граѓани со домашни миленици во градскиот автобуски превоз.
Иницијативата беше точка на дневен ред на седницата која се одржа во четвртокот, но дискусијата и гласањето за неа не дојде на ред бидејќи беше прекината и ќе продолжи на 7 март.
„Иако точката не стигна на дневен ред, во неформална дискусија со директорот на ЈСП Александар Стојковски, потврдено беше од негова страна дека иницијативата за транспорт на миленици во автобусите во транспортер ќе биде прифатена. Чекаме официјално тоа да биде соопштено од претпријатието“, вели Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.
Со иницијативата се предлага овозможување слободен пристап на граѓаните со домашни миленици во автобуси во посебно изработени заштитни кутии односно транспортери за домашни миленици.
„Имајќи го предвид чл. 168 став (2) од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кој вели дека во патничко возило можат да се превезуваат животни само во посебно изработени заштитни кутии, со оваа иницијатива предлагаме измена на Одлуката за линиски превоз на патници во Град Скопје со која ќе се овозможи граѓаните да имаат слободен пристап во возилата на ЈСП со своите домашни миленици затворени во транспортери како што е уредено со закон“, се вели во иницијативата.
За да стапи на сила оваа иницијатива потребна е измена на член 99 од Одлуката за линиски превоз на патници во Град Скопје во која по ставот (1) ќе се додаде нов став (2) кој гласи: Секој патник има право во возилото да внесе домашен миленик под услов при влезот тој да е затворен во посебно изработена заштитна кутија, а мнозинството советници да ја изгласа.
Од „Зелен хуман град“ велат дека оваа иницијативата е поставена на платформата за директна демократија „МојГрад“ и е вториот најгласан предлог откако платформата е создадена со 1.668 гласови „за“ и 31 глас „против“.
„Големата разлика меѓу гласовите „за“ и “против“ укажува на огромната потреба кај голем дел од граѓаните да се овозможи пристап на нивните домашни миленици во возилата на ЈСП, секако во согласност со законите. Со оглед дека граѓаните континуирано се потсетуваат и имаат обврска да бидат одговорни сопственици, што секако опфаќа да се грижат за своите домашни миленици и да ги носат на ветеринар кога имаат здравствени проблеми и слично, нужно е Градот и јавните претпријатија да ги препознаат нивните потреби, да им помогнат да ги извршуваат своите должности и да не ги дискриминираат луѓето кои имаат домашни миленици, оневозможувајќи им да го користат транспортот кога сакаат да се движат заедно со својот миленик, поточно да им го ускратуваат основното право на движење. Во сегашната ситуација секој кој нема најмалку петстотини денари за едно одење до и враќање од ветеринар, едноставно е ставен во положба да не може да му укаже помош на својот миленик и да ги исполнува основните обврски кон него“, стои во образложението на иницијативата поднесено до Советот на Град Скопје.
Од „Зелен хуман град“ сметаат дека тоа што домашни миленици ќе бидат во транспортери ќе спречи несакани ситуации во самите возила, односно несакан контакт со животните од страна на други корисници на јавниот превоз, а „дел од корисниците на јавниот превоз кои инаку немаат никаков контакт со животни би можеле да се едуцираат за природата на милениците“.
Во моментов во автобусите на ЈСП дозволен е пристап на кучиња-придружници за лица со попреченост.
А. АНТЕВСКА