Шефот на грчкиот синдикат на железничките работници Јанис Дицас изјави дека е нејасно како се случил судирот на двата воза ноќеска кај Лариса, при што загинаа најмалку 36 луѓе, а над 80 се повредени. Шестмина од 66 хоспитализирани се сместени на интензивна нега, кажаа од болницата во Лариса.
„И покрај моето 40-годишно искуство, не можам да кажам дали грешката била направена на терен или во воз. Единствената утеха е што несреќата не се случи во некој од тунелите во близина“, изјави Дицас.
Патничкиот воз со околу 350 патници сообраќал на линијата Атина-Солун, додека товарниот воз се движел од Солун кон Лариса. Итните служби ја добиле веста за несреќата пред полноќ.
„Возовите се судрија директно при голема брзина. Вагоните еден и два се запалија и веќе не постојат, додека третиот излета од шините“, изјави гувернерот на регионот Тесалија, Костас Агорастос.
Тој додаде дека двата воза се движеле по истата пруга.
„Тие се движеле со голема брзина и возачите не знаеле дека другиот воз доаѓа“.
Околу 250 патници безбедно се евакуирани со автобуси до Солун. Голем дел од патниците биле студенти кои се враќале дома после празник.
Властите велат дека ова е најсмртоносната железничка несреќа во историјата на Грција. Во 1972 година, 19 луѓе загинаа кога се судрија два воза исто така близу Лариса.