НЕМА БЕЛ ЛЕБ, ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ ПРЕСТАНАА СО ИСПОРАКА ОТКАКО ВЛАДАТА ЈА ЗАМРЗНА ЦЕНАТА НА 33 ДЕНАРИ

    НЕМА БЕЛ ЛЕБ, ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ ПРЕСТАНАА СО ИСПОРАКА ОТКАКО ВЛАДАТА ЈА ЗАМРЗНА ЦЕНАТА НА 33 ДЕНАРИПолиците во маркетите се празни, а вработените ни кажаа дека утрово дистрибутерите не им донеле бел леб. (Фото: СДК.МК)

    Во продавниците и маркетите утрово нема бел леб. Откако вчера Владата донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб до 450 грама на 33 денари, денеска овој тип леб не се дистрибуираше.

    Полиците во неколкуте маркети во Скопје кои ги посетивме беа празни, а вработените ни кажаа дека утрово дистрибутерите не им донеле бел леб. На рафтовите имаше само црн, р’жан или пченкарен леб односно типовите за кои цените не се замрзнати и се продаваат од 60 денари нагоре.

    Од Владата велат дека инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се на терен за утврдување на фактичката состојба и контрола на грамажата и цената, а за резултатите од увидот, јавноста ќе биде информирана.

    „Одлуката на Владата, што е во интерес на граѓаните, останува. Институциите ќе реагираат соодветно за да ги заштитат“, велат од Владата.

    Производителите на леб во понеделникот на прес-конференција рекоа дека ќе престанат со производството ако Владата ја замрзне цената.

    Премиерот Димитар Ковачевски вчера кажа дека цената на лебот се замрзнува бидејќи компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај антикризните мерки на Владата. Исто така, Владата им ја укина и субвенционираната цена на струјата.

    Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана електрична енегрија, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Јас неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече Ковачевски по вчерашната владина седница.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира