РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ СО РАК НА ДЕБЕЛОТО ЦРЕВО ПОД 40 ГОДИНИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ СО РАК НА ДЕБЕЛОТО ЦРЕВО ПОД 40 ГОДИНИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕРакот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, по 70-годишна возраст, вели ИЈЗ, но во последната деценија е јасен тренд на зголемување на инциденцата кај младите, на возраст под 40 години. (Фото: К. Попов)

    Ракот на дебелото црево е едно од најчестите малигни заболувања на модерното време, со околу 1,8 милиони нови случаи во светот секоја година, што претставува околу 10% од сите случаи на малигни тумори, вели Одделот за здравствена промоција и следење на болести од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Националниот ден за подигање на свеста за ракот на дебелото црево е 1 март.

    Според последните податоци од 2021 година, во Македонија има 747 нови случаи од рак на дебело црево (колон, ректум и сигма). Секоја година во Македонија од оваа болест умираат околу 500 луѓе или 482 во 2021 година, што ја рангира оваа болест како втора водечка причина за смрт од малигни тумори и кај мажите (303) и кај жените (179) и ја прави социо-медицински проблем. Ракот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, по 70-годишна возраст, вели ИЈЗ, но во последната деценија е јасен тренд на зголемување на инциденцата кај младите, на возраст под 40 години.

    „Се покажа дека овде возраста може да биде прогностички фактор, односно дека возраста на пациентите под 40 години има влијание врз поагресивната форма на болеста и пократко севкупно преживување. Посебен проблем, кај нас и во светот е големиот процент на пациенти со метастатско заболување во моментот на дијагнозата, најчесто во црниот дроб, кај околу 25% од пациентите. Додека во најраните стадиуми на болеста, петгодишното преживување е над 90%, во првичните метастатски форми тоа е околу 10-15% од пациентите“, стои во извештајот на ИЈЗ.

    Колоректалниот карцином е меѓу најчестите видови на рак кај современиот човек. Инциденцата на тумори на дебелото црево е висока кај нас и се приближува до стапките на инциденца на колоректален карцином во Европа и светот. Ракот на дебелото црево е прв или втор на листата на малигни тумори на дигестивниот тракт, во зависност од географската средина.

    „Точната причина за колоректалниот карцином не е целосно позната. Засега знаеме дека се јавува како резултат на влијанието на наследните и еколошките фактори, исхраната и начинот на живеење. Симптомите на малигнен тумор на дебелото црево првенствено зависат од локацијата на туморот и може да се манифестираат како: крварење во столицата,
    неправилна столица, течна столица, синдром на ретка столица, наизменичен запек и дијареа, чувство на недоволно празнање, надуеност, отсуство на гасови и столица.
    Некогаш прв и единствен симптом може да биде појавата на слабост и замор поради анемија, што е последица на долготрајно секојдневно крварење во столицата кое не ја менува бојата на столицата. Еден од важните проблеми при поставувањето на дијагнозата, односно рано откривање на тумор на дебелото црево, е присуството на крв во столицата, која се третира како последица на хемороидално крварење и може да доведе до погрешно поставување на дијагнозата без понатамошен преглед, односно колоноскопија“, велат од ИЗЈ.

    Во однос на превенцијата велат, бидејќи се потребни 10-15 години за полипите на дебелото црево да се развијат во рак, раното откривање со скрининг е важно за да може полипите да се отстранат пред да станат канцерогени. Постојат неколку достапни тестови, но еден од најчесто користените на светско ниво е ФОБ тестот (тест за детекција на окултното крварење во столицата). Скринингот сега се препорачува почнувајќи од 45-годишна возраст. Освен раниот и постојан скрининг, неколку промени во животниот стил може да го намалат ризикот.

    „Исхраната треба да биде богата со природни влакна, а не да се додаваат влакната како додаток во исхраната. Се препорачува да се земаат најмалку пет порции свежо овошје (јужно овошје, јаболко, круша, слива) и зеленчук дневно. Брокулата и зелката треба да се земаат најмалку еднаш неделно. Се препорачува да се намали потрошувачката на црвено месо, не повеќе од три пати неделно и да се избегнува конзумирање на сушени месни производи. Се препорачува често да се јаде риба и живина како извор на протеини од животинско потекло. Примарната превенција вклучува препорака за одржување на телесната маса во текот на животот во опсегот на БМИ (индекс на телесна маса) од 18-25. Се препорачува умерена физичка активност најмалку три пати неделно“, стои во препораките на Одделот за здравствена промоција и следење на болести од Институтот за јавно здравје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира