Дивоградбата на државно земјиште на Пластичарска улица во Скопје веќе е изградена и е објект пред вселување. Општина Центар пет месеци ниту ја стопира градбата, ниту го урива објектот и дозволува од ноември наваму на диво да се гради.
За објектот општината нема издадено никаква градежна дозволa, туку постои решение за уривање уште од 2016 година за непознат инвеститор. Велат дека објектот ќе се урива, но чекаат асистенција од полицијата.
„Од страна на Сектор за инспекциски работи на Општина Центар минатиот месец беше побарана полициска асистенција за обезбедување на локацијата додека трае отстранувањето на објектот. На ова, од МВР беше одговорено дека поради безбедносни причини поврзани со лажните дојави за бомби во училиштата, нема да бидат во можност да испратат полициска асистенција. За ова Општина Центар достави уште едно барање до МВР за полициска асистенција, за кое општината сѐ уште нема добиено одговор“, велат од Општина Центар.
Од МВР пак велат дека до СВР Скопје имаат доставено барање да ѝ се даде асистенција асистенција на Општина Центар.
Дивоградбата почна да се гради уште во времето на ексградоначалникот Андреј Жерновски, но општината донесе решение за уривање и со асистенција на полицијата се уриваше во три часот наутро. Но, тогаш објектот не беше целосно урнат туку искршени беа носечките столбови.
Така стоеше повеќе од 6 години, сè до пред неколку месеци кога градежна механизација се појави на терен и почна да го урива објектот. Жителите од околните куќи тогаш алармираа дека објектот се урива за да се гради нов. Три месеци подоцна веќе е кренат објект, со приземје и еден кат. Поставени се врати и прозорци и во моментов се работи на фасадата.
„Тоа од што стравуваме се случи, на државно земјиште никна дивоградба, а општината не реагира иако е запознаена со овој проблем и сме алармирале до неа. Тоа значи дека секој од нас може во Градски парк или на друг државен имот да почне без никаква дозвола да си гради зграда“, велат граѓани кои живеат во овој дел од градот.
А. АНТЕВСКА