Од 16 март цените на млекото и млечните производи ќе се намалат за 10 отсто, а на тестенините за 15, соопштија денеска премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши. На денешната владина седница донесена е одлука за замрзнување на цените на овие производи.
Се замрзнуваат цените на млечните производи и тоа трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, урда, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравји кашкавал со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци.
Од тестенините за 8 до 9 денари ќе се намалат цените на шпагетите и макароните.
„За 10 односно 15 отсто треба да се намалат од цената по која се продавале овие производи на 1 март. Тоа значи ако на 1 март млекото се продавало 76 денари од 16 март цената треба е за 7,6 денари пониска. Ако во меѓувреме после 1 март некој производител ги намалил цените, пак цена по која се врши намалувањето ќе биде онаа по која го продавале производот на 1 март“, рече министерот Бектеши.
Владата од 1 март ја замрзна на 33 денари цената на белиот и полубелиот леб.
А. АНТЕВСКА