Апелациониот суд од Битола ја потврди првостепената пресуда со која е доделена парична отштета на битолчанка која била нападната и искасана од улична мачка. Настанот се случил на Нова година во 2021 година додека жената фрлала ѓубре во контејнер на улицата Тошо Даскало во Битола. Адвокатот на повредената Марјан Петровски, кој успеа да го добие судскиот процес, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека неговата клиентка била нападната ненадејно и повеќекратно од голема мачка, при што ѝ биле нанесени повреди – откинати кожа и месо во дел од раката, а била касната и по нозете. Повредите биле утврдени со медицинската документација и фотодокументација, а биле изработени и вешт наод и мислење од вешто лице, специјалист по судска медицина.
„Иако на прв поглед изгледаше како едноставен и наивен случај, увидов дека се работи за еден исклучителен и специфичен случај, во кој повредите кои ѝ беа нанесени на оштетената воопшто не беа наивни. По извршена детаљна анализа на правната рамка која ја регулира оваа материја, а имајќи ги предвид одредбите од Одлуката за комунален ред донесена од Општина Битола во корелација со законите за комунални дејности, локална самоуправа и за облигациони односи, утврдив дека во целост не е извршена обврската во однос на заловувањето на животните скитници, после што ја поднесовме предметната тужба, со која ги тужевме Општината и јавното претпријатие ‘Комуналец‘“, вели адвокатот Петровски.
Основниот, а потоа и Апелациониот суд од Битола утврдија дека надлежните не само што не ги извршиле своите обврски во однос на бездомните животни, туку и одговорност и на оштетената ѝ досудија надомест на нематеријална штета од 50.000 денари.
Ова е прв судски случај за напад од улична мачка во Македонија. Според законската регулатива, во тој период, покрај за улични кучиња, можеа да се поднесуваат тужби и за мачки. По оваа тужба, во октомври 2022, Општина Битола направи измени во Одлуката за комунален ред, во која беше предвидено заловување, згрижување и стерелизација на бездомни кучиња и мачки. Од одлуката беше избришан делот „и мачки“.
Битола подолго време се соочува со проблемот со бездомни животни. Само за 2022 Општината плати отштета од 47.000 евра на граѓани каснати од улични кучиња. Во тек е подготовка на прифатилиште, а Општината побара и финансиска помош од Владата за да го реализира планот.
Ж.ЗДРАВКОВСКА