МОСТОТ ВО АЕРОДРОМ, ЗА КОЈ АРСОВСКА РЕЧЕ ЌЕ БИДЕ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБА, ЌЕ СЕ ДОГРАДИ КОГА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ГИ РЕШАТ МЕЃУСЕБНИТЕ СУДСКИ СПОРОВИ

    МОСТОТ ВО АЕРОДРОМ, ЗА КОЈ АРСОВСКА РЕЧЕ ЌЕ БИДЕ ЗА ЛОВЕЊЕ РИБА, ЌЕ СЕ ДОГРАДИ КОГА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ГИ РЕШАТ МЕЃУСЕБНИТЕ СУДСКИ СПОРОВИГодина и пол нема никаква активност за изградба на приклучоците за мостот и новиот булевар со што ќе се поврзат општините Аеродром и Гази Баба.(Фото: Град Скопје)

    Уште не се гради мостот и булеварот АСНОМ кој треба да ги поврзе скопските населби Аеродром и Керамидница. Изградбата на мостот која ја почна ексградоначалникот Петре Шилегов е завршена, и сега потребно е да се изведат приклучоците кон ТЦ „Ист Гејт“ и да се пробие булеварот кон Керамидница. Но, откако на градоначалничката функцијата е дојдена Данела Арсовска градежните работи се застанати. Година и пол нема никаква активност за изградба на приклучоците за мостот и новиот булевар со што ќе се поврзат општините Аеродром и Гази Баба.

    Арсовска, првиот месец кога дојде на функција, рече дека оваа сообраќајница не може да се догради и ќе биде мост за ловење риба, бидејќи не биле расчистени имотно-правните односи.

    „Нема да се заврши, ќе биде мост за ловење риба. Ќе биде нешто што нема никаков ефект и бенефит за граѓаните. Постапката за да се заврши тој мост ќе трае десетина години. Ние ќе почнеме да ги решаваме, но кога ќе ги решиме е прашање на време и не знаеме кога ќе се заврши. Што сега, секој нареден градоначалник ќе биде крив затоа што претходникот го почнал, а не ги решил прашањата ниту пак планирал да ги реши?“, рече Арсовска во ноември 2021, еден месец по доаѓањето на градоначалничката функција.

    Четири месеци подоцна, во март 2022, таа даде сосема друга изјава дека мостот ќе биде готов во април, а булеварот низ Керамидница до крајот на годината. Но, од ваквите најави на Арсовска нема ништо, ниту е пуштен мостот, ниту пак е почнато пробивањето на булеварот.

    Арсовска сега вели дека проблем биле судските спорови кои меѓусебно ги имаат жителите каде треба да минува трасата.

    „Завршивме голем дел од објектите за кои требаше да се направи експропријација, меѓутоа таму проблемот е што имотно-правните односи не се само во делот експропријација туку има голем број судски спорови меѓу роднини. Се надеваме дека во најбрз рок ќе се завршат. Околу 70 отсто од експропријацијата е завршина, се надеваме дека овие 30 отсто годинава ќе се завршат ако имаме успех со судските спорови меѓу граѓаните“, рече Арсовска пред два дена одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за улицата Боца Иванова.

    Мостот од Аеродром кон Гази Баба и пробивањето на булеварот АСНОМ низ Керамидница почна во март 2020. Вкупната вредност на проектот е 16 милиони евра. Мостот ќе го носи името на генералот Михајло Апостолски.

    Со изградбата на овој мост и пробивањето на новиот коридор, од Ново Лисиче до Судската палата со автомобил ќе се стигнува за 5 минути, со автобус за 10 минути, со велосипед за 18 минути, а со пешачење за 35 минути. Со тоа, граѓаните на овие три општини можат да заштедат и до 20 минути од времето поминато во сообраќај ако ја изберат оваа рута.

    Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира