Советот на Општина Тетово на 12. седница едногласно ја усвои завршната сметка на општинскиот буџет за 2022. Со ова се избегна ситуацијата од минатата година, кога советниците не успеаја да го усвојат овој документ до 31 март, што беше причина Советот на Општината да се распушти и да се оди на предвремени избори за нов состав.
„Минатата година имаше проблеми со обезбедување мнозинство гласови, па не успеавме да ја изгласаме завршната сметка. Оваа година за завршната сметка гласаше и опозицијата и таа беше едногласно усвоена“, изјави Бесар Дурмиши, претседател на Советот на Општина Тетово.
За завршната сметка на буџетот на Општината за 2022 гласаа 29 советници, никој не беше против ниту воздржан. Завршната сметка за 2022 кажува дека финансиската состојба во Општина Тетово и понатаму е тешка и дека има голем дефицит.
„Јавните претпријатија ги наследивме со долгови од 28 милиони евра. Претходно знаевме дека државата покри половина од долговите на Општина Тетово, но недомаќинското работење на ДУИ и СДСМ направи нови долгови. Ние успеавме долгот да го намалиме за еден милион евра, а исто така успеавме некои јавни претпријатија, како што е ЈП за паркинзи, сега порентабилно да работат“, изјави Ангел Карапертов, советник од ВМРО-ДПМНЕ која е коалиционен партнер на БЕСА.
Според завршната сметка, вкупниот износ на планираните приходи за 2022 биле 1.687.975.119 денари, додека се реализирани 1.495.618.341 денари. Кај расходите планирани се 1.733.312.527 денари додека се реализирани 1.526.335.202 денари.
З. АНДОНОВ