Маж на возраст од 57 години починал утрово во 4 часот во пожар во семејниот дом во Велес. Починатиот Милан Цветков бил пронајден починат во собата во која спиел.
„Утрово ми тропнаа на врата, како прв комшија да помогнам. Се обидов да влезам во собата каде е Милан, од густиот чад не можев. Имаше многу чад. Викав пожарна. Луѓето дојдоа бргу, за 15 минути, и за кратко време го решија огнот“, кажа Ѓорѓи Кимов, сосед на семејството Цветкови.
Од Итната помош во Велес соопштија дека кога нивната екипа дошла на местото на настанот, можела да констатира смрт кај едно лице, додека друго е пренесено поради задушување на Интерното одделение од Велешката болница. Од болницата кажаа дека на повредениот, кој бил брат на починатиот, му била дадена неопходната здравствена нега и по неколку часа е пуштен дома.
„Седевме вечерта со брат ми кој живее сам на горниот кат. Секоја ноќ се качувам да го проверам како е, така беше и ноќеска во 4 часот. Кога влегов во собата имаше многу чад, оган, тој беше легнат на креветот“, кажа Александар, брат на починатиот.
Пожарот бил локализиран од противпожарната единица од Велес.
„Во 3,55 часот добивме дојава за пожар. На терен излегоа две возила и шест пожарникари. Затекнале оган во разгорена форма. Имало и дојава дека во куќата има и човек. Пожарот е ликвидиран во 5 часот“, кажа Димче Јованов, командир на противпожарниот вод од Велес.
Иако бргу стигнале до местото на пожарот, велешките пожарникари се пожалија дека имале проблем да се пробијат до куќата од бројните паркирани автомобили по улицата.
Истрагата треба да ги открие причините за пожарот, а обдукцијата причините за смртта.
П. ПЕЧКОВ