Високата политичка и институционална корупција станува сè поочигледна, забележале високи дипломати од Европската унија, кои денеска во Скопје го брифираа граѓанскиот сектор пред утрешната посета на потпретседателот на Европската комисија Жосеф Борел, велат извори од ЕУ администрацијата во Македонија. Тие забележале и дека во земјава нема доволно чесни сојузници за борба против корупцијата
„Корупцијата сериозно го ‘минира’ процесот пред условениот старт на преговорите. Мораме со нашите партнери многу повеќе да се посветиме на овие прашања и создадеме нови механизми за кредибилен мониторинг. Темелните вредности – владеење на правото и борба со корупцијата имаме оправдан впечаток дека се сериозно поткопани во вашата земја, а бројот на сојузници во враќањето на довербата е флуктуирачки, недоволен, односно недоволно чесен и кредибилен во намерите“, забележале на брифингот дипломатите.
Дипломатите забележале и дека има благ пад во ЕУ поддршката кај граѓаните, но и дека се „наполно свесни за резигнираност кај организациите и општо кај граѓаните“.
„Вие сте веќе во техничкиот скрининг, кластерите се отвораат, а напредокот од оваа во следните фази ќе зависи само и само од вас, односно вашиот парламент и политичкиот консензус. Исполнувањето на неопходните барања и услови се дел од преговарачката
рамка со Европската комисија, а не со земја-членка на ЕУ. Затоа, потребно е медиумите и граѓанските организации овие важни информации во интегративниот процес соодветно и правилно да ги соопштат на јавноста и граѓаните“, велат дипломатите.
Најавувајќи дека ЕУ обезбеди 80 милиони евра неповранта помош за Македонија за справување со енергетската криза и високите цени, велат дека во следните месеци мора да работат многу повеќе и директно во таа насока во Владата, но и преку ЕБОР и поволни кредитни линии за зелена енергија и енергија од обновливи извори за приватниот сектор и малите потрошувачи. Најавија и дека капацитетите на граѓанските организации ќе се развијат со европска заедничка помош и раскинување на „коалициите“
со одредени политички и бизнис моќници од секторот енергетика.