Поранешниот американски претседател Доналд Трамп преку социјалните мрежи објави дека очекува да биде уапсен во вторник, бидејќи обвинителот од Њујорк покренал обвинение во случајот што ги испитува парите платени за замолкнување жени кои наводно имале сексуални средби со него. Трамп не достави докази што би сугерирале дека е директно информиран за очекуваното апсење и не кажа како знае за таквите планови.
Трамп во објавата на неговата социјална мрежа „Truth“ вели дека „незаконските протекувања“ од канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен укажуваат дека ќе биде уапсен во вторник следната недела.
Од Канцеларијата на окружниот обвинител не одговорија на повиците на АП, ниту пак одговорија портпаролите на Трамп.
„Протестирајте. Да си ја вратиме нашата земја“, напиша Трамп, што потсетува на неговиот говор на 6 јануари 2021, по што беше нападнат американскиот Конгрес.
Четири лица починаа во нападот, вклучувајќи жена која беше застрелана од полицаец. Беа повредени над 100 полицајци, а четворица подоцна извршија самоубиство.
Обвинението против Трамп (76) би било невообичаен развој по повеќегодишните истраги за неговите деловни, политички и лични зделки. Веројатно ќе ги поттикне критичарите кои велат дека Трамп, претседателски кандидат зо 2024, со лаги и измами го пробил својот пат до врвот, ни и ќе ги охрабри поддржувачите кои сметаат дека републиканецот е неправедно цел на демократски обвинител.