Пропадна улицата 9 Мај зад Универзална сала во Скопје поради градежните работи за нова зграда. Од градилиштето за зградата блокирана е пола улица, зашто е заградена со лимени тараби. Делот од улицата кој е влезен во градилиштето е пропаднат и земјата под асфалтот се свлекува.
„Отиде дел од улицата. Од самиот старт на градежните работи се работи без заштита односно не се изведени шипови, постојано се вади води и се свлекува земјата. Стравуваме дека е нарушена стабилноста на околните згради и куќи“, велат жителите на улицата.
На местото гради зграда градителот „Бинјапи инжинериг“. Градителот веќе еднаш доби забрана за вршење градежни работи од Општина Центар, токму поради тоа што копа дупка без да направи заштитна јама за обезбедување на соседните парцели. Но, и покрај забраната, градителот ја искина жолтата лента и продолжи да гради. Потоа, инспектори заедно со градоначалникот Горан Герасимовски, повторно излегоа на терен и му наложија на да го обезбеди потребните услови, па дури потоа да продолжи да гради.
Но, градителот повторно гради без да ги почитува условите за градба.
А. АНТЕВСКА