МВР СО МЕСЕЦИ НЕ Ѝ ПРАЌА АСИСТЕНЦИЈА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗА УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБАТА НА ПЛАСТИЧАРСКА УЛИЦА

    МВР СО МЕСЕЦИ НЕ Ѝ ПРАЌА АСИСТЕНЦИЈА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗА УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБАТА НА ПЛАСТИЧАРСКА УЛИЦАОпштина Центар не ја урива дивоградбата оти чека асистенција од полицијата, а од МВР со месеци не одговараат на барањето. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сите институции  дозволуваат да се гради дивоградбата на државно земјиште на Пластичарска улица. Општина Центар не ја урива оти чека асистенција од полицијата, а од Министерството за внатрешни работи (МВР) со месеци не одговараат на барањето.

    Пред десет дена, од Општина Центар за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека објектот не можат да го уриваат без асистенција на полицијата и дека досега два пати испратиле барање до нив, но еднаш им било одбиено, а на второто немаат повратен одговор.

    „Од страна на Секторот за инспекциски работи на Општина Центар минатиот месец беше побарана полициска асистенција за обезбедување на локацијата додека трае отстранувањето на објектот. На ова, од МВР беше одговорено дека поради безбедносни причини поврзани со лажните дојави за бомби во училиштата, нема да бидат во можност да испратат полициска асистенција. За ова Општина Центар достави уште едно барање до МВР за полициска асистенција, за кое Општината сѐ уште нема добиено одговор“, рекоа на 10 март од Општина Центар.

    Од Министерството за внатрешни работи не кажуваат зошто уште не одобруваат полициска асистенција за уривање на дивоградбата. Од таму кусо ни одговорија дека во СВР Скопје има доставено барање и по однос на истото ќе се даде асистенција согласно член 7 од Закон за полиција.

    И додека надлежните си ја префрлаат топката, дивоградбата на Пластичарска слободно се гради, веќе е дигнат цел објект, поставени се врати, прозорци и се привршува фасадата.

    Дивоградбата почна да се гради уште во времето на ексградоначалникот Андреј Жерновски, но Општината донесе решение за уривање и со асистенција на полицијата се уриваше во три часот наутро. Но, тогаш објектот не беше целосно урнат туку беа искршени  носечките столбови. Така стоеше повеќе од 6 години, сè до пред неколку месеци кога градежна механизација се појави на терен и почна да го урива објектот за да го гради одново.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира