ДАНЕЛА АРСОВСКА ПОЧНА ПОСТАПКА ЗА ДА ГО ВРАТИ СПОМЕНИКОТ НА ЌОСЕТО ПРЕД СУДОВИТЕ

    ДАНЕЛА АРСОВСКА ПОЧНА ПОСТАПКА ЗА ДА ГО ВРАТИ СПОМЕНИКОТ НА ЌОСЕТО ПРЕД СУДОВИТЕАрсовска до Општина Центар испратила барање за согласност за почнување постапка за враќање на споменикот на истата локација од која беше тргнат во 2018. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката Данела Арсовска почнува со постапка за да го врати споменикот на Андон Лазов-Ќосето пред комплексот судови во Скопје. Споменикот во февруари 2018 беше отстранет по налог на тогашниот градоначлник Петре Шилегов, бидејќи бил дивоградба. Шилегов тогаш кажа дека градежниот инспекторат на Општина Центар извршил увид на фактичката состојба и утврдил дека инвеститорот Град Скопје нема решение за поставување на овој споменик.

    Сега, градоначалничката Арсовска повторно сака да го врати споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си. Таа доставила барање до Општина Центар да се даде согласност за почнување постапка согласно која би почнала процедурата за враќање на споменикот на истата локација од која беше тргнат.

    Арсовска неколку месеци по стапување на функцијата кажа дека ќе го враќа споменикот на Ќосето и дека со нејзиниот тим го барале, но не можеле да го најдат.

    Откако беше тргнат во 2018, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. (Фото: Град Скопје)

    Откако беше тргнат, споменикот беше однесен во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. На неговото место беше засадено дрво гинко, посветено на човековите права со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нирнберг, на која е испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации. Тој член гласи: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него“.

    Споменикот на Ќосето е еден од петте споменици кои се издигнаа рано утрото на 7 септември 2014 на различни локации во Скопје, а кои Град Скопје ги доби како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин. Спомениците беа поставени во времето на градоначалникот Коце Трајановски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира