Со изведување материјални и писмени докази, денеска во Основниот суд во Охрид се одржа првото рочиште од судскиот процес за нападот на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, што се случи на 19 јануари пред кафуле во центарот на градот. Пендиков, како и минатиот пат кога се одложи судењето, не се појави во судницата. Неговиот застапник, адвокатот Стефан Камишевски, образложи дека тој не е во можност физички да присуствува од здравствени причини, но не кажа дали ќе се појави на следното рочиште кое е закажано за 31 мај.
„Според видеозаписот, може да се види дека две лица тепаат едно лице. Впрочем, постапката е и за тоа, да се утврди вистината, што се случило во критичниот настан. Кои лица го претепале кое лице“, изјави Камишевски.
Обвинетиот за кривично дело „Напад од омраза со тешки повреди“ Илија Спасески, пред судијата Бојан Мартиноски рече дека не се чувствува виновен.
Бранителот на обвинетиот Димитрија Цобоски кажа дека во текот на доказната постапка одбраната ќе докаже дека нема дело од омраза, ниту материјални докази дека провообвинетиот е извршител на делото.
„Ги гледавте снимките и кога обвинителот вели дека мисли дека обвинетиот е тој што го врши делото. Не треба некој да мисли кој е кој, туку се потребни докази од кои неспорно може да се утврди вина. Мислење на обвинител дали некој е тој или не, не е доволно за некој да се прогласи виновен“, изјави Цобоски.
Според него, Пендиков не е Бугарин оти нема бугарско државјанство, туку се работи на македонски државјанин. На следното рочиште ќе бидат повикани да сведочат вешти лица од медицината и информатичките технологии како и сведоци на критичниот настан.
Охриѓанецот Пендиков во февруари беше пуштен од болницата во Софија, каде што беше однесен на лекување со бугарски владин авион по тепачката во Охрид на 19 јануари. На 7 февруари, бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков рече дека Пендиков ќе добие бугарско државјанство, a бугарското министерство за надворешни работи ќе му обезбеди живеалиште во Софија и парична помош. Пендиков, против кого во Македонија има кривична пријава откако при претрес му беше најден кокаин, добил и лично обезбедување од бугарската полиција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 27 јануари кажа дека „луѓе од иста групација се и оние кои тепаат и оние кои се тепани“ и дека тепачката во Охрид е дел од хибридна војна против Македонија.
С. ВРЕНЦОВСКА