Министерството за надворешни работи вели дека не постои ниту можност, ниту политичка волја за вклучување на Бугарија во процесот на уставни промени поврзани со пристапните преговори за членство во Европската унија.
Овој став на македонското МНР доаѓа откако бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков денеска изјави дека Бугарија сака да биде консултирана за уставните измени и дека тоа веќе му го соопштил и на неговиот македонски колега Бујар Османи.
„Министерството за надворешни работи информира дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Република Северна Македонија, која како обврска е поврзана со пристапните преговори за членство во Европската унија. Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија, претставени во парламентот и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија. Такво барање ниту е пристигнато, ниту е разговарано меѓу министрите Османи и Милков“, се вели во соопштението на МНР.
Од МНР додаваат дека Северна Македонија останува посветена на продолжување на политичкиот дијалог со Бугарија, во духот на добрососедството и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, за што се надева на што поскоро формирање на новата бугарска Влада.
Милков денеска кажа дека би сакале да бидат дел од процесот на уставни промени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
„Колку што знаеме веќе има некои опции за идни текстови кои се дискутираат таму, а биле прифатени како можни промени на уставот. Ние би сакале да бидеме дел од овој процес за да се одвива непречено. Би сакале да се консултираме за овие прашања“, изјави Милков за Бугарското национално радио.