Украина може да извезува електрична енергија за првпат по шест месеци, бидејќи нејзината енергетска инфраструктура закрепнува по неколкумесечните постојани руски напади. Русија лани во октомври го започна долгиот и намерен напад врз енергетската инфраструктура на Украина, поради што имаше прекини на струја и рестрикции, а градовите беа во темнина во текот на зимата.
Украина беше принудена да го запре извозот на електрична енергија – но сега повторно ќе може да го продаде вишокот. Министерот за енергетика Херман Халушченко потпиша извршна наредба со која се одобрува извозот, иако приоритет остануваат локалните клиенти. Тој рече дека системот произведува дополнителен капацитет речиси два месеца и дека Украинците не се соочуваат со ограничувања.
„Помина најтешката зима“, рече вчера Халушченко. „Следниот чекор е да започнеме со извоз на струја, што ќе ни овозможи да привлечеме дополнителни финансиски средства за неопходна реконструкција на уништената и оштетена енергетска инфраструктура“, рее тој и ја пофали „титанската работа“ на инженерите и меѓународните партнери за обновување на системот.