Неколку дена пред Велигден, кога потрошувачката е зголемена, не се поставени цени на најголемиот дел од земјоделските производи на пазарот во центарот на Битола. Освен јаболката, уште на неколку производи се истакнати цени. Купувачите мора да прашуваат колку чинат производите место да го прочитаат тоа.
„Одиме од тезга до тезга и прашуваме. Ни велат доматот 120 денари, од увоз бил, краставицата 140. Во земјоделска земја овошјето и зеленчукот станаа луксуз, а башка што место наш кромид купуваме од Холандија, компир од Египет“, коментираат купувачите.
Продавачите кои ги прашавме зошто не се истакнати цени ни рекоа дека постојано се менуваат и не можат секој ден да поставуваат нови хартии. Тие се тука да кажат колку чинат производите.
На пониски цени се понадеваа и купувачи од Грција кои го посетија пазарот зашто слушнале дека цените ќе бидат замрзнати. Но, констатираа дека дел од производите имаат цени како во маркетите кај нив.
Владата пред една недела ги замрзна цените на 11 продукти, кои треба да се продаваат од 55 до 110 денари. Доматите се најчестите земјоделски производи чија цена не падна, па најчесто во маркетите пишува дека се од увоз, а и на пазар го кажуваат истото. Владата најави дека денеска ќе се ревидираат цените на дел од 11-те видови овошје и зеленчук по новите цени кои се пријавуваат од увозниците во Царинската управа. Но, немало да бидат поскапи од 100 денари за килограм.
Ж. ЗДРАВКОВСКА