ХОТЕЛИТЕ ВО ОХРИД И СТРУГА САМО ПОЛОВИЧНО ИСПОЛНЕТИ ЗА ВЕЛИГДЕН, ПОВЕЌЕ ТУРИСТИ СЕ ОЧЕКУВААТ ОД МАЈ СО ПРВИТЕ ЧАРТЕР ЛЕТОВИ

    ХОТЕЛИТЕ ВО ОХРИД И СТРУГА САМО ПОЛОВИЧНО ИСПОЛНЕТИ ЗА ВЕЛИГДЕН, ПОВЕЌЕ ТУРИСТИ СЕ ОЧЕКУВААТ ОД МАЈ СО ПРВИТЕ ЧАРТЕР ЛЕТОВИСе очекува приватните сместувачки капацитети да имаат поголема исполнетост за претстојните празници (Фото: СДК.МК)

    Хотелите на охридско-струшката ривиера за велигденските празници ќе бидат половично исполнети. Од Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ) велат дека ова е далеку од посакуваниот број гости.

    „Сместувачките капацитети во хотелите на охридско-струшката ривиера за продолжениот празничен викенд ќе бидат повеќе од половина исполнети, до 60%, додека кај приватните сместувачки капацитети ќе има поголема исполнетост. Тука се и викенд становите на граѓани кои ќе ги поминат празниците во Охрид и Струга“, вели Блажески.

    Поголемо раздвижување во Охрид се очекува со првите чартер летови од средина на мај. Според најавите, Холанѓаните и годинава ќе бидат најбројни на ривиерата, а се очекуваат и гости од Полска, Турција, Србија и од традиционалните пазари.

    Од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ) најавија воведување и на нови авиолинии. Директорот Љупчо Јаневски вели дека исполнетоста за велигденските и првомајските празници е добар показател дека нè очекува една од најуспешните сезони.

    „Сигурен сум дека и овој Велигден Охрид, Струга, Преспа, Крушево, Дојран, Битола, Гевгелија, Берово и Винскиот регион ќе бидат полни со туристи од Србија, БиХ, Албанија, Црна Гора и Грција, како и со домашни гости, кои ќе ја отворат најуспешната година за македонскиот туристички сектор од осамостојувањето“, вели Јаневски.

    Од АППТ велат дека следи стабилизирање на туристичкиот пазар со пораст на бројот на туристи од 20 до 40 проценти. Според најавите, годинава се очекува да се реализираат 3,2 милиони ноќевања.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира