ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ОД 200 МИЛИОНИ ЕВРА, АРСОВСКА НЕ ОБЈАВИ НИТУ СВИКА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

    ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ОД 200 МИЛИОНИ ЕВРА, АРСОВСКА НЕ ОБЈАВИ НИТУ СВИКА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈАПред еден месец беше потпишан договор со кој беше доделен грант од ЕУ од 70 милиони евра за реализација на проектот. (Фото: К. Попов)

    Потпишан е договорот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Проектот е вреден 200 милиони евра, од кои 136 милиони евра се кредит од Европската инвестициска банка, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската унија.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, после неколку месеци одлагање без причина, договорот со фирмата изведувач и фирмата која ќе го врши надзорот е потпишан пред неколку дена. Градоначалничката Данела Арсовска не објави, ниту пак закажа прес-конференција за да ги соопшти деталите од договорот за овој капитален проект за градот.

    На тендерот понуди имаа доставено две фирми, германска и турска, а според нашите информации договорот е склучен со германската фирма која беше подобро бодувана во текот на целата постапка што ја спроведуваше посебно формирана проектна единица.

    Градоначалничката Арсовска не одговараше на нашите телефонски повици да одговори дали е склучен договорот за пречистителната станица и зошто тоа не го соопштува на јавноста и граѓаните.

    Дека договорот е склучен за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

    „На 12 април во Министерството за животна средина и просторно планирање пристигна официјален меил од проектната канцеларија во ‘Водовод и канализација’ која ја спроведуваше постапката. Нè известија дека тендерот е успешен и склучени се договорите за градба и надзор. Со тоа, завршени се сите постапки и наскоро треба да почне реализацијата на овој голем и капитален проект за главниот град“, ни изјави Шукова.

    Ваков меил од проектната канцеларија стигнал и до останатите партнери во проектот, односно до Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

    Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019 кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а директор на „Водовод и канализација“ Душко Весковски. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека во 2025 Скопје ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои најмногу страда реката Вардар.

    Со доаѓањето на функција на Арсовска постапката беше закочена. Најпрво го разреши од функција директорот Златко Перински, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека го фатила со „рачето во мед“ и тврдеше дека спречила криминал, иако европските партнери во проектот кажуваа дека нема никакви сомнежи во постапката. Потоа, со месеци не сакаше да го направи изборот на фирмата за надзор и фирмата изведувач иако бодувањата беа направени и тие автоматски го покажуваат победникот на тендерот.

    Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево. Откако ќе биде пуштена во функција, ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби, што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од реката Вардар да биде помалку загадена.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира