КАРАТЕ ФЕДЕРАЦИЈАТА ОСТАВИЛА ДОМА ТРОЈЦА ШТИПСКИ КАРАТИСТИ И НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ИСПРАТИЛА ДРУГИ, ИАКО ИМАЛЕ ИСТ БРОЈ БОДОВИ, УТВРДЕНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ПРИ ИЗБОРОТ

    КАРАТЕ ФЕДЕРАЦИЈАТА ОСТАВИЛА ДОМА ТРОЈЦА ШТИПСКИ КАРАТИСТИ И НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ИСПРАТИЛА ДРУГИ, ИАКО ИМАЛЕ ИСТ БРОЈ БОДОВИ, УТВРДЕНА ДИСКРИМИНАЦИЈА ПРИ ИЗБОРОТКомисијата за антидискриминација заклучува дека изборот на каратистите што ќе ја претставуваат државата на ЕП во Чешка, бил по непостоечки критериуми. (Фото: Пекселс)

    Двајца каратисти и една каратистка од Штип, се дискриминирани од Карате федерацијата на Македонија врз основа на лично својство и општествен статус, бидејќи со исти бодови и резултати, на Европското првенство во Прага во јуни лани, федерацијата испратила други спортисти.

    Претставката до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја поднеле двајца тренери и тројцата оштетени каратисти, сите од карате клуб од Штип.

    Комисијата утврди директна и продолжена дискриминација врз штипските каратисти, бара КФМ да предложи и усвои начин на кој ќе ја отстрани повредата на правото на еднаквост на спортистите и тренерите од карате-клубот од Штип, прифатлив за двете страни. За тоа треба писмено да ја извести Комисијата за дискриминација во рок од 30 дена.

    Од Комисијата велат дека се истечени тие 30 дена, но ќе ја почекаат Федерацијата уште неколку дена, да не затаила поштата.

    „Се препорачува извршниот одбор на КФМ да донесе измени и дополнувања на Правилникот за избор, финансирање и наградување на државните репрезентации на Македонија, во правец на дефинирање на прецизни и јасни процедури при избор на репрезентативци за учество на сите првенства во карате на кои ќе партиципира, со посебен осврт на начинот на кој ќе се врши изборот во случај кога во иста категорија ќе се појават повеќе од еден кандидат со ист број бодови. Во рок од 30 дена да ја извести Комисијата“, бара таа.

    Во претставката, подносителите навеле дека за време на квалификациите, во четири натпреварувачки категории имало по двајца категории со ист број на поени, а КФМ ги елиминирал сите од Штип што биле со ист број на бодови како тие што заминале на ЕП.

    Тие се жалат дека со оваа дискриминација, Карате-федерацијата на спортистите им го повредила правото да бидат рангирани на Светската карате-федерација, правото да бидат финансирани од Агенцијата за млади и спорт, правото на стипендирање, правото да остварат спортски резултати и да добијат награди и признанија. Им нанеле директна штета и на тренерите за истите права, но и за ваучер од Агенцијата за млади и спорт.

    Членот на Комисијата за дискриминација Весна Бендевска била да изврши увид во Федерацијата, а од целокупната документација што ја собрала оттаму, утврдиле неколку нелогичности. Правилникот не содржел дефинирани одредби што ќе одредат кој натпреварувач ќе биде избран за Европско првенство во ситуација кога натпреварувачите ќе имаат ист број на бодови. Натаму, одлуката за ЕП за донеле тренери-селектори, со гласање.

    Потоа, дека извршниот одбор на Федерацијата првин го прифатил „изборот“ на тренерите-селектори, а дури потоа ја задолжил натпреварувачката комисија да направи табела со постигнати резултати на осумтемина кандидати за четирите натпреварувачки категории, од дополнителното државно првенство и плејофот.

    Комисијата заклучува дека изборот на каратистите што ќе ја претставуваат државата на ЕП во Чешка, бил по непостоечки критериуми. Некаде земале дека бодовите од државните натпревари се побитни, некаде дека е резултатот од плејофот пресуден. Се согласува во целост со младите каратисти и тренерите, дека со дискриминацијата што им е направена, им се попречени сите права што ги навеле во претставката.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира