Деновиве имаше краток недостаток само на субкутаната форма на лекот „херцептин“, но од утре ќе го имаме лекот, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК, директорката на Клиниката за онкологија и радиотерапија, д-р Виолета Клисарова.
Во нашата редакција се јавија пациентки оперирани од рак на дојка, а кои го примаат овој лек, кој се дава во форма на инекција на 21 ден. Едната пациентка требало денеска да го прими, но од Клиниката, лекарите ја вратиле со образложение дека го нема, не прециизрале кога ќе го има и дека ќе ѝ се јават кога ќе дојде. Во зависност од состојбата, пациентките треба да примат по 15, некои по 18 терапии, што значи дека се прима во период од повеќе од една година, по завршувањето на хемотерапиите и зрачењето.
„Точно е дека деновиве имаше краток недостаток само на субкутаната форма на ‘херцептин’. Токму деновиве се заврши новиот тендер за ‘херцептин’, поради што се јави краткиот недостаток на лекот. Веќе е направена нарачка, што значи дека од утре ќе го имаме лекот“, ни одговори директорката.
Лани есента, повеќе од два месеца го немаше лекот „херцептин“ кој го примаат пациентки што се оперирани од рак на дојка и ја поминале хемотерапијата. Станува збор за лек кој во земјава се користи веќе три години, од најнова генерација имунотерапија кој дава одлични резултати во третманот на ова малигно заболување.
Во објаснувањата за овој лек се наведува дека „ова откритие е едно од главните достигнувања во антиканцер терапијата и целното уништување на туморските клетки“.
Б. НЕСТОРОСКА