СЕ РАЗГЛЕДУВААТ ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ИЗМЕНИ ОД ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ЗА ШТРАЈКОТ ШТО ЈА ЗАГРОЗУВА МАТУРАТА

    СЕ РАЗГЛЕДУВААТ ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ИЗМЕНИ ОД ИСПИТНИОТ ЦЕНТАР, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ ЗА ШТРАЈКОТ ШТО ЈА ЗАГРОЗУВА МАТУРАТАМатурантите треба да полагаат државна матура на 27 мај и 10 јуни. - Од ланското полагање во „Раде Јовчевски-Корчагин“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Предложените измени на колективниот договор од Државниот испитен центар (ДИЦ) се доставени во Министерството за финансии и во моментов се чекаат дополнителни информации, вели Министерството, откако вработените од ДИЦ вчера почнаа генерален штрајк. Од Синдикалната организација на Државниот испитен центар (СОДИЦ-СФДМ) рекоа дека штрајкуваат оти не добиле согласност на барањето за изменување и дополнување на колективниот договор од Министерството за финансии, а заради заштита на економските и социјални права на своите членови.

    Aко продолжи, неизвесно е дали матурантите ќе ги фатат роковите за упис на факултетите во земјава и во странство. Претходно беше најавено дека матурантите ќе полагаат државна матура на 27 мај и 10 јуни.

    „Прашањето на платите на вработените во администрацијата треба да се реши преку системско решение, кое е одржливо на долг рок и кое ќе обезбеди достојни примања на вработените и континуиран раст на платите. Во Владата веќе се работи на изнаоѓање одржлив систем за плати што се однесува на целиот јавен сектор и на подготовка на Општ колективен договор за јавнииот сектор“, ни одговорија од Министерството за финансии дали ќе им ја потпишат согласноста на вработените од ДИЦ.

    Сите процеси кои се во надлежност на Државниот испитен центар (Државна матура, државно тестирање, обука и испит за директори, приправнички испити, меѓународно тестирање ТИМС итн.) ќе бидат запрени до добивање на согласност од Министерството за финансии.

    „Сите 29 вработени се членови на синдикатот и состојбата на штрајк која би траела подолго од една недела би значела невозможност да се спроведе државната матура“, рече денеска на прес-конференција Емилија Бошковска, претседателка на Синдикатот.

    Министерот за образование Јетон Шаќири им кажа на сите вработени во ДИЦ заедно со директорката да комуницираат со другите институции и да чекаат да се реши Општиот колективен договор. Така да ги надминат проблемите и да не се доведува во прашање државната матура. Шаќири потенцираше дека сите имаат и правна одговорност и апелираше оваа институција да не ја користи ситуацијата кога средношколците треба да полагаат државна матура.

    „Сите синдикати се вклучени во Општиот колективен договор. Значи и тие вработени кои се дел од синдикатот УПОЗ јас ќе ги повикам зашто сите имаме законски обврски и кога се работи за државна матура не може да го искористат моментот на државната матура за да ја постигнат целта. Целта на Владата е Општ колективен договор и подобри услови. Мојата порака до сите вработени заедно со директорката е да комуницираат со другите институции и нека чекаат да се реши Општиот колективен договор. Така да ги надминат проблемите и да не се доведува во прашање државната матура“, одговори Шаќири на новинарски прашања по учеството на тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира