За да се избегне вообичаената неуспешност на обуките на педагозите, психолозите и социолозите околу проблемите на учениците и за да може тие подобро да им излегуваат пресрет кога ќе побараат од нив стручна помош, Сојузот на средношколци од министерот за образование Јетон Шаќири побара овие стручни лица Министерството за образование (МОН) да ги тестира за тоа што сфатиле од обуките.
Врсничкото насилство, булингот, крвавото насилство во основните и средните училишта е во пораст не само на Балканот, туку и на глобално ниво, па на покана на министерот Шаќири, вчера претставници на Сојузот на средношколци се сретнаа во МОН со универзитетските професори од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, правото и безбедносните науки.
Сојузот смета дека иако во Македонија скоро секое училиште е екипирано со тим на стручни соработници (педагог, психолог и специјален едукатор), праксата покажува дека училишните психолози се обременети со административна работа, што ги спречува да комуницираат со корисниците на нивните услуги – учениците. Водејќи се од позитивните примери присутни во некои училишта во земјава, Сојузот предлага нов модел на работа на училишните психолози. Имено, нивните канцеларии треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог.
„Понатаму, свесни сме дека за ваква промена ќе бидат потребни обуки и доквалифакации за стручните служби и сметаме дека тие треба да се спроведат што поскоро, односно штом биде изготвен протоколот кој ќе го дефинира новиот модел. За да се избегне докажаната неуспешност на обуките, Сојузот предложи и спроведување на тестирања кои ќе ги мерат знаењата стекнати од овие обуки“, бара тестирање Сојузот, на овој многу важен кадар во училиштата.
Оваа средба е првата фаза од консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на меѓуврсничкото насилство во училиштата, рекоа од Сојузот на средношколци, од каде ја поздравуваат одлуката на МОН да ги отвори електронските адреси [email protected] и [email protected], на кои ќе може да се пријавува меѓуврсничко насилство. Адресите се веќе активни и министерот Јетон Шаќири најави дека по секоја пријава веднаш ќе се постапува.
Мерката следи по масовните пукања во Белград и околината на Младеновац, во кои беа убиени вкупно 17 лица. Убијците се 14-годишен ученик и 20-годишник.
С. К. ДЕЛЕВСКА