МОСТОТ КАЈ СКОПСКА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ДОДЕКА НЕ СЕ САНИРА, А НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА САНАЦИЈА Е МОЖНА, ВЕЛИ АНГЕЛОВ

    МОСТОТ КАЈ СКОПСКА ЖЕЛЕЗНИЧКА СТАНИЦА ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН ДОДЕКА НЕ СЕ САНИРА, А НЕ ВЕРУВАМ ДЕКА САНАЦИЈА Е МОЖНА, ВЕЛИ АНГЕЛОВВо моментов екипи на Град Скопје заедно со професори од Градежниот факултет вршат увид на мостот и додека се добијат целосни информации за штетата тој ќе биде затворен за пешаци и автомобили. (Фото: К. Попов)

    Мостот „Беласица“ од скопската Железничка станица до ТЦ „Ист гејт“ е затворен целосно и ќе биде пуштен откако Град Скопје ќе ја утврди состојбата во која се наоѓа, кажа денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Во моментов, екипи на Град Скопје заедно со професори од Градежниот факултет вршат увид на мостот и додека се добијат целосни информации за штетата тој ќе биде затворен за пешаци и автомобили.

    Да не ризикуваме, бидејќи самиот мост има голема тежина и ќе остане затворен сè додека Град Скопје не добие информација дека може да биде отворен. Но, верувам тоа ќе биде после санацијата, доколку воопшто санација е можна“, кажа Ангелов.

    Мостот кој е под надлежност на Град Скопје се запали синоќа околу полноќ. Во пожарот, како што кажа Ангелов, температурата која се развила од обвивката на цевководите надминувала 1.000 целзиусови степени и поради тоа дошло до пукање на заштитниот бетон со кој е намачкан мостот од долната страна, а постои и опасност за штета на самата арматура на мостот.

    Дури и сабајлево мостот беше топол. Затоа, донесена е одлука за целосно затворање на мостот за пешаци и возила, а исто така и за движење под него, оти може да падне парче бетон. Подобро мостот да биде затворен и да заштедиме некој човечки живот, отколку тој да падне додека по него се движат луѓе. Безбедноста на граѓаните е на прво место“, рече Ангелов.

    Која е причината за пожарот треба да каже Министерството за внатрешни работи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира