Жителите на швајцарското село Бринц се евакуирани поради ризик од неминовен одрон на карпи. На помалку од 100-те селани им бил даден рок од 48 часа да ги спакуваат неопходните работи и да ги напуштат своите домови.
Во камиони биле натоварени и кравите, откако геолозите предупредија дека одронот може да се случи во секој момент. Од околната планина би можеле да паднат два милиона кубни метри карпи и целосно да го уништат селото.
Овој случај го покрена прашањето за безбедност на некои планински заедници, бидејќи климатските промени го менуваат алпскиот пејзаж. Бринц, кое се наоѓа во источниот дел на земјата, сега е празно.
Селото е изградено на земјиште кое се спушта кон долината, поради што црковната кула се искриви и се појавија пукнатини на некои објекти. По неколку дена поројни дождови, карпите попуштија и би можеле да паднат на селото. Селаните сега само можат да се надеват дека карпите ќе ги промашат нивните куќи.
Швајцарскиот алпски регион е особено изложен на глобалното затоплување, бидејќи мразот на високите планински врвови се топи, со што карпите стануваат нестабилни.