ПОЛОВИНА ОД БЕБИЊАТА ВО МАКЕДОНИЈА СЕ РАЃААТ СО ЦАРСКИ РЕЗ, ЛЕКАРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е ПОРИЗИЧНО И МНОГУ ПОСКАПО

    ПОЛОВИНА ОД БЕБИЊАТА ВО МАКЕДОНИЈА СЕ РАЃААТ СО ЦАРСКИ РЕЗ, ЛЕКАРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е ПОРИЗИЧНО И МНОГУ ПОСКАПОДури 42-43 проценти од породувањето во земјава се со царски рез. (Фото: СДК.МК)

    Редовни прегледи, зголемување на процентот на вакцинација со ХПВ вакцина и намалување на трендот на породување со царски рез, се услови за подобрување на женското здравје. Медицинските експерти, кои се дел од Петтиот меѓународен конгрес на гинеколози и опстетричари во Охрид, кажаа дека очекуваат подобрување на резултатите за безбедно мајчинство во наредните три години, но загрижува тоа што наталитетот и понатаму опаѓа.

    Свеста за вакцинирање со ХПВ вакцината сè уште е на ниско ниво, велат лекарите. Процентот на вакцинирана млада популација и покрај бројните кампањи е мал. Според нив, младите треба да добијат подобра едукација кога станува збот за почнувањето со сексуалните односи.

    „Младите генерации апсолутно немаат доволно развиена свест. Можеби тоа е наша грешка, грешка на образовниот систем, на родителите. Нема доволно свест за тоа колку е неопходно да бидат заштитени и какви се потенцијалните животни последици од евентуалните инфекции, не само ХПВ туку и многу други“, вели професорката Оливера Кондич-Вучиниќ од Србија.

    За лекарите и понатака останува предизвик дефицитот на стручен кадар. Системот се организира со мобилни екипи за да се обезбеди здравствена грижа онаму каде недостасува,  а бројот на специјализации е двојно зголемен оти потребите се поголеми. Тоа, според професор д-р Ана Данева-Маркова, продекан за специјализации и супспецијализации на Медицинскиот факултет при Универзитеотот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, е единствен начин да се задржат младите лекари да останат во државата.

    Професор д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), вели дека стапката на породувања со царски рез во светски рамки бележи огромен пораст. Причина е недоволната информираност за ризиците и придобивките на овај тренд кој пред сè е избор на самата жена.

    „Според Светската здравствена организација, породувања со царски рез од 7 отсто се зголемени на 21 отсто. Кај нас во 1990-тите години беше околу 10 проценти, а сега во регионот е зголемен за околу 21 процент што значи некаде 31 проценти, но во Македонија тој е 42-43 проценти. Скоро половина од бебињата се раѓаат со царски рез. Тоа е оптеретување, бара опрема, бара кадар, бара анестезиолози, конци, оперативно време, значи повеќе чини, а од друга страна компликациите за мајките се исто така поголеми за разлика од вагиналното породување“, вели д-р Тофоски.

    На Конгресот во Охрид присуствуваат над 500 гинеколози и акушери од нашата држава, но и од повеќе европски држави, Италија, Турција, Малта, Португалија, Египет, Словенија, Хрватска, Србија и Албанија.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира