ПОЛИЦИЈАТА 4 МЕСЕЦИ ГО ЧУВА ИТАЛИЈАНСКОТО АВИОНЧЕ ШТО ПАДНА КАЈ КОЖЛЕ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    ПОЛИЦИЈАТА 4 МЕСЕЦИ ГО ЧУВА ИТАЛИЈАНСКОТО АВИОНЧЕ ШТО ПАДНА КАЈ КОЖЛЕ

    Остатоците од авионот „пајпер“ на италијанскиот авиоклуб од Тревизо, уште не се кренати од местото на несреќата кај скопското село Кожле. Тие лежат таму од 6 септември годинава, кога се случи несреќата во која загинаа жена и петмина мажи, кои беа раководни лица на аероклубот, негови членови и еден Косовец со италијанско државјанство.
    Остатоците од италијанскиот авион уште ги чува полицијата, исто како несреќата да се случила деновиве и како сѐ уште да не е завршен увидот. Полицијата деноноќно го обезбедува теренот околу остатоците на „пајперот“.
    Јавното обвинителство на РМ (ЈОРМ) за САКАМДАКАЖАМ.МК не потврдува дека е готова истрагата за утврдување на причините за несреќата и дали се знае зошто падна авионот.
    “Во тек се дејствија кои се преземаат врз основа на дадени насоки на Основното јавно обвинителство Скопје, а во насока на натамошно расветлување на причините за случената авионска несреќа во близина на с. Кожле“, ни одговорија од ЈОРМ.
    Директорот на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти Сотир Костов ни изјави дека деновиве, Комитетот на завршен годишен состанок ќе ги сублимира истрагите за воздухопловните несреќи и оти тогаш ќе има информација за јавноста за која несреќа до каде е стасана истрагата.
    И Обвинителството од Тревизо, Италија отвори случај за авионската несреќа кај Скопје. Од авиоклубот во Тревизо, чијашто сопственост беше малиот авион, велат дека ќе биде тешко да се реконструира што точно се случило.
    „Овој тип на авиони не е опремен со црни кутии. Често има и повеќе од една причина за несреќа. Сепак, во областа имаше лоши временски услови“, изјави тогаш за локалните медиуми инструкторот Џон Тесари од авиоклубот во Тревизо.
    Италијанскиот „пајпер“ полетал на 6 септември од Тревизо во 14 часот и во 17.40 часот требало да слета на Скопскиот аеродром да наполни гориво и потоа да продолжи кон крајната дестинација, Приштина. Групата го планирала патувањето во Македонија за бизнис, исто така поврзан со авиоклубот. Од пистата на аероклубот полетале четири авиони, два за Приштина и два за Скопје. Сите пристигнаа на нивните дестинации, освен „пајперот“ на претседателот на авиоклубот.
    Авионот го управувал токму Франческо Монтањер, пилот, претседател на аероклубот во Тревизо. Во него биле уште и потпретседателот на клубот, Дарио Бастасин, Лука Дале Муле, Илариа Берти, Ангело Калегари и Висар Бегај, Косовец со италијанско државјанство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира