ОПРЕМАТА ДОЈДЕ ВО ВИСТИНСКИ МОМЕНТ, ВЕЌЕ НИ БЕШЕ ИСТРОШЕНА, ВЕЛАТ ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД ПЕЛАГОНИЈА ЗА ДОНАЦИЈАТА ОД 117.000 ЕВРА

    ОПРЕМАТА ДОЈДЕ ВО ВИСТИНСКИ МОМЕНТ, ВЕЌЕ НИ БЕШЕ ИСТРОШЕНА, ВЕЛАТ ПОЖАРНИКАРИТЕ ОД ПЕЛАГОНИЈА ЗА ДОНАЦИЈАТА ОД 117.000 ЕВРАОпремата е наменета за Битола, Прилеп, Крушево, Демир Хисар и Ресен (Фото. СДК.МК)

    Од кациги до чизми, обезбедени се десетици комплети заштитна опрема за пожарникарите од пелагониските општини Битола, Прилеп, Крушево, Демир Хисар и Ресен. Опремата е набавена преку проект за прекугранична соработка со Грција, имплементиран од Пелагонискиот плански регион во координација со Министерството за локална самоуправа.

    „Оваа опрема ни беше навистина неопходна и ја добивме во вистински момент, кога опремата што ја имаме веќе беше истрошена, па ја баравме од други места“, рече Горан Димкоски, командирот на Противпожарната единица од Битола.

    Таа доби 32 комплети интервентни заштитни одела, чизми, ракавици и шлемови за интервенции во урбана средина. Располага со 13 возила и 42 вработени пожарникари, кои годишно во просек имаат 700-800 интервенции, со исклулчок на 2022 кога биле само 450.

    Градоначалникот Тони Коњановски изрази надеж дека годинава ќе започне изградбата на новиот противпожарен дом во Битола.

    „Како локална самоуправа насочени сме кон создавање соодветни услови за работа за Противпожарната единица со изградба на нов противпожарен дом во касарната на површина од 1.495 квадратни метри. Основниот проект е изготвен и во моменов е во фаза на ревизија“, рече Коњановски.

    Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, кој е и претседател на Пелагонискиот плански регион, рече дека донацијата изнесува 117.000 евра, а за Прилеп се обезбедени 30 комплети униформи за шумски пожари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира