ДАНЕЛА ВЕЛИ ПРОФЕСОРИТЕ ОД ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ СЕ САМОНАРЕЧЕНИ ЕКСПЕРТИ, ТВРДИ ДЕКА ОПОЖАРЕНИОТ МОСТ „БЕЛАСИЦА“ СЕ ВЕШТАЧИ, А НЕ КАЖУВА ОД КОГО

    ДАНЕЛА ВЕЛИ ПРОФЕСОРИТЕ ОД ГРАДЕЖЕН ФАКУЛТЕТ СЕ САМОНАРЕЧЕНИ ЕКСПЕРТИ, ТВРДИ ДЕКА ОПОЖАРЕНИОТ МОСТ „БЕЛАСИЦА“ СЕ ВЕШТАЧИ, А НЕ КАЖУВА ОД КОГОДеканот на Градежен факултет Горан Марковски денеска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Град Скопје сè уште не ангажирал тим од Градежниот факултет и стручни лица кои ќе извршат испитувања на мостот. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска професорите и деканот на Градежен факултет ги нарече самонаречени експерти кои давале паушални изјави во медиумите во врска со опожарениот мост „Беласица“. Од Град Скопје вечерва испратија соопштение до медиумите, откако професори и деканот на Градежен факултет Горан Марковски кажаа дека опожарениот мост ќе биде затворен најмалку една година.

    „Апелираме до јавноста, медиумите и оние кои сакаат да се нарекуваат експерти да не предизвикуваат паника во јавноста со паушални изјави кои не се базирани на никакви информации, вештачења ниту пак истражувања. Несериозно е од декани, неименувани експерти како и неименувани ‘извори’ да се предизвикува паника кај граѓаните“, се вели во реакцијата од Град Скопје.

    Оттаму тврдат дека во овој момент се врши вештачење на мостот по пожарот на 11 мај ноќта, со цел да се утврди дали воопшто има структурно оштетување на мостот, а во наредните неколку денови ќе се донесе и одлука за тоа дали ќе се врати во употреба веднаш, или пак ќе има каква било интервенција пред да се стави во употреба. Но, не кажуваат кој го врши вештачењето со оглед дека тоа не се професори од Градежен факултет.

    Деканот на Градежен факултет Горан Марковски денеска за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Град Скопје сè уште не ангажирал тим од Градежниот факултет и стручни лица кои ќе извршат испитувања на мостот, ќе направат извештај и ќе дадат насоки што понатаму, односно каква реконструкција е потреба. Дента по пожарот, на колегијално барање на колегите од Град Скопје, а не официјално, бил на првичен увид и првичните сознанија покажуваат дека постои сериозен ризик за безбедноста на мостот.

    „Високите температури штетат на три составни компоненти на мостот, односно на бетонот, обичната арматура и најкритична точка се каблите кои се внатре во бетонот на мостот. Каблите се изработени од високо вреден челик, тие се многу чувствителни на високи температури и ги губат своите карактеристики ако дојдат до контакт со висока температура. Прашањето е, односно треба да се утврди која температура стигнала до нив и дали нивната носивост е нарушена. Тоа не е ни малку лесно, бара сериозна истрага и не е добар ваквиот лежерен однос на институциите“, ни изјави Марковски кој изрази загриженост за лежерниот однос на градските власти за решавање на состојбата со мостот.

    Градоначалничката Данела Арсовска откако се запали мостот не се појавила во јавност ниту пак беше на увид на местото. Не соопшти ниту дека мостот е затворен за сообраќај, ниту одговара на новинарски прашања, само Градот ги стави бетонските столбови претходно насликани со уметнички дела да бидат барикади на мостот.

    Ниту Советот на Град Скопје ни советниците немаат реакција или акција во врска со однесувањето на градоначалничката и градските власти за опожарениот мост, чие затворање го блокира соовраќајот во еден од најпрометните делови на Скопје.

    Вчера, на конференција организирана од УНДП  градоначалничката на Скопје ги избегна новинарите, не сакаше да даде изјави, велејќи им дека во наредните  денови ќе закаже прес-конференција.

    Арсовска откако е дојдена на функција ги избегнува новинарите и им вели дека ќе има прес-конференција на која ќе одговара на актуелните прашања, но тоа никогаш не се случува. Изјави закажува само кога треба да се кара со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, кои ја донесоа на градоначалничката функција и со кои рамо да рамо ја водеше изборната кампања и ја славеше победата пред седиштето на партијата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира