ТЕТОВСКИТЕ ПЛАНИНАРИ ВО АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ШАР ПЛАНИНА СОБРАА 15 ВРЕЌИ ОТПАД

    ТЕТОВСКИТЕ ПЛАНИНАРИ ВО АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ШАР ПЛАНИНА СОБРАА 15 ВРЕЌИ ОТПАДАкцијата се одвиваше на потегот од село Вејце и Вејачки водопад, па сè до планинарски дом Кобилица.(Фото: СДК.МК)

    Планинарите од четири планинарски клубови од Тетово организираа акција за чистење на Шар Планина од сметот кој е расфрлан долж планинските патеки. Акцијата беше насловена „Шара без отпад“ и е прва ваква заедничка акција во која учествуваа планинарските клубови „Јелак“, „Аргентус Монт“, „Тетекс“ и „Љуботен“, а сите тие беа во координација со Национален парк „Шар Планина“.

    „Шар Планина се радува на нашите мирни чекори. Секој здив, секој збор, секој чекор и секоја акција нека ја направат Шар Планина горда на нас. За да ја оставиме Шар Планина подобра отколку што ја наследивме, понекогаш бара да го собереме и ѓубрето што некој го оставил. Се надеваме дека се обидовме да дадеме пример кој се надеваме ќе го следат и другите“, порача Снежана Новаковска од ПК „Тетекс“.

    Акцијата беше спроведена со цел да се подигне свеста кај лицата кои се движат низ планината да не фрлаат отпадоци, а се одвиваше на потегот од село Вејце и Вејачки водопад, па сè до планинарски дом Кобилица. Планинарската тура и собирањето отпадоци траеше неколку часови.

    „Со еколошката акција успешно е отстранета пластика, најлонски кеси, лименки и друг вид отпадоци кои ги најдовме покрај планинските патеки. Собравме 15 вреќи со отпад кои потоа со теренско возило на националниот парк „Шар Планина“ беа префрлени во Тетово“, информираше Зија Јонузовски од ПК „Аргентус Монт“.

    Акцијата за чистење на Шара беше и повеќе од успешна па тоа ги мотивира планинарите од Тетово да продолжат со вакви заеднички планинарски тури и акции и во наредниот месец, па веќе за јуни е планирана акција за чистење на патеката до и околу Боговињско езеро.

    З.АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира