Во наредниот период Општина Тетово се очекува да стане целосно дигитализирана општина. Тоа го предвидува проектот „Иновативни дигитални општински решенија во општина Тетово“ кој Општината ќе го спроведува со голема помош од ЕУ. Со него се предвидува да се дигитализираат најважните општински институции кои на граѓаните ќе им даваат брзи и точни услуги со што се очекува да се придонесе кон зголемување на квалитетот на услугите кои Општината им ги нуди на своите граѓани.
„Проектот ‘Иновативни дигитални општински решенија во општина Тетово’ ќе има длабоко влијание врз развојот на нашата Општина. Преку дигитализација и користење на дигитални платформи и алатки, граѓаните, медиумите, социјалните организации, бизнисите, ќе имаат пристап до информациите потребни за процесите и услугите. Преку подобрување на урбаните услуги, создавање паметна урбана средина и промовирање одговорна и совесна инспекција, проектот ќе придонесе за зголемување на квалитетот на животот на нашите граѓани и создавање одржлива заедница. Овој амбициозен проект има за цел да користи информатичка и комуникациска технологија за дигитализирање на општинските услуги, подобрување на инспекцијата и заштита на животната средина. Проектот е со буџет од 616.055 евра, од кои 523.647 евра се финансирани од Европската Унија“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами на денешната презентација на проектот.
Најголемиот дел од средствата кои ќе бидат искористени за дигитализација на Општината доаѓаат преку грантови од Европската Унија.
„Овој проект започнува да се реализира во Тетово и неговата цел е да се олесни пристапот на граѓаните до услугите кои се обезбедуваат од страна на самата Општина. За овој проект ЕУ има доделено повеќе од половина милион евра кои се во форма на грант. Свесни сме дека процесот на дигитализација не е лесен процес ниту за вашата земја, ниту за земјите членки на ЕУ. Токму поради таа причина тоа е голем предизвик и затоа ние како ЕУ заедно со Општина Тетово работиме заедно на негово промовирање бидејќи на почетокот тој е замислен како пилот проект и во зависност од неговата успешност ЕУ планира да го реплицира и во другите Општини. За ова веќе се обезбедени финансиски средства“, рече Стефсн Худолин, претставник на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија.
З. АНДОНОВ