ПЛАТЕНО Е ШКОЛУВАЊЕТО ЗА 78 НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА ОД РАНЛИВИ КАТЕГОРИИ ВКЛУЧЕНИ ВО ПРОЕКТОТ ВТОРА ШАНСА

    ПЛАТЕНО Е ШКОЛУВАЊЕТО ЗА 78 НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА ОД РАНЛИВИ КАТЕГОРИИ ВКЛУЧЕНИ ВО ПРОЕКТОТ ВТОРА ШАНСАСпоред податоците од 31 јануари 2023, од вкупно 111.896 невработени лица, 58% се лица без образование и со основно образование, а 9% се со непотполно средно образование. (Фото: К. Попов)

    Седумдесет и осум невработени лица од ранливи категории се дел од пилот програмата Втора шанса на Агенцијата за вработување, чија цел е да им се овозможи на невработените лица од ранливи категории, кои бараат работа и се со ниски или ирелевантни вештини, да завршат средно стручно образование и да добијат формална диплома издадена од државата, рече денеска координаторот на проектот Влатко Стојановски.

    Проектот, додава тој, ги покрива сите трошоци за нивното школување заклучно со матурирање и стекнување диплома. Според него, потребна е поголема координираност на системот заради ажурирање на податоците и полесно и поефикасно спроведување на проектот.

    Според податоците на Министерството за труд и социјална политика од 31 јануари 2023, од вкупно 111.896 невработени лица, 58% се лица без образование и со основно образование, а 9% се со нецелосно средно образование.

    Невработени лица од ранливите категории се во фокусот на специјалните програми на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, што веќе три години се имплементира во соработка со Агенција за вработување. Целта на проектот е да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираната минимална помош (ГМП) меѓу корисниците на ГМП, младите лица до 29 години, Ромите, жените, лицата со попреченост и долгорочно невработените лица.

    Вклучувањето на овие групи на пазарот на трудот се реализира преку нивно советување, мотивација и обуки за подигање на знаењата и вештините. Според проектната координаторка Наташа Здравковска, за сите проектни активности – услуги и мерки, предуслов за вклучување на лицата е да се евидентирани во АВРМ како невработени лица активни баратели на работа.

    „Центрите за вработување и Центрите за социјална заштита вршат селекција на најлесно вработливи членови од ГМП домаќинствата и за нив подготвуваат Индивидуален план за активација што е услов за лицето да ги користи услугите и мерките од проектот. Слично е и со активните баратели на работа од ранливите групи за кои се подготвуваат Индивидуален план за вработување 2. Во изминатите 3 години, Центрите подготвија повеќе од 4200 индивидуални планови за активација. За да се унапреди овој процес во рамките на проектот предвидена е и посебна активност за јакнење на капацитетите на центрите“, вели Здравковска.

    Во тек е четвртиот директен грант договор кој Агенцијата за вработување го реализира преку ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, кој започна кон крајот на 2019 година, а е со времетраење од 54 месеци. Досега Проектот даде голема поддршка на реформата од 2019.

    Проектот се реализира преку СИМ програмата (програма за советување и мотивација) и Програма за поддршка за вработување преку обуки.

    „СИМ програмата се реализира преку психосоцијална поддршка која се спроведува пред и по вклучување на лицата во активните мерки за вработување и преку менторска поддршка која се спроведува додека лицето учествува во некоја од активните мерки за вработување или е вработено преку активна мерка. Целта на советувањето е да се подобрат и развијат личните капацитети на невработеното лице, да се подигне мотивација и самодоверба кај лицето, како и професионално да се оспособи и поттикне да се интегрира на пазарот на труд. Додека со Менторската поддршка, која опфаќа интензивно советување, теренска работа и лични контакти со лицата, се реализира за време на учество во обуки за стекнување на вештини и при вработување“, рече Магдалена Бунтеска, координаторка на СИМ програмата.

    Програма за поддршка за вработување преку обуки предвидува совладување на вештини и знаења за занимања кои се бараат на пазарот на трудот, а се прилагодени според возраста на барателот на работа се цел да се подготви да може да го задржи работно место.

    „Програмата се состои од повеќе мерки, како што се обуки за побарувани занимања, обука на работно место кај конкретен работодавач, субвенционирање на вработување, практикантство“, додава Здравковска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира