Земјоделците, овоштарите од општините Росоман и Градско четири дена се без вода за наводнување за овоштарниците и земјоделските површини, што сериозно им ја загрозува егзистенцијата. Оштетен е еден крак од системот за наводнување Макарија Тиквеш, тој што води кон Росоман и Градско.
„Хаварија на сифонот на левиот магистрален канал на системот Макарија од кој земјоделците ја добиваат водата за наводнување на своите површини. И тоа по левата страна од течението на Црна Река сè до испустот кај село Ногаевци“, соопшти Стојан Николов, градоначалник на Општина Росоман.
Земјоделците апелираат што побрзо да се санира оштетувањето оти времето тече, а површините се без вода. Тоа ќе влијае на родот и на нивната егзистенција,
„Сега е сезоната за поливање на праските. Во овој период се сади и познатата пиперка куртовска капија. Наскоро ќе почне полевањето на грозјето. Ако нема вода, како што нема, ќе нема ниту род“, вели Дане Јошев, претседател на здружението Тиквешки лозаро-овоштари од Кавадарци.
Тој потсетува дека неколку години апелирале на лошата состојба на системот Макарија, но се решавало само со интервенции, а не и со сериозни вложувања за негова обнова. Од АД Водостопанство не кажуваат временски рок кога ќе биде саниран дефектот.
„Детектирано е оштетување на сифонот Макарија на хидромелиоративниот систем Тиквеш, поради кое привремено е прекинат дотокот на вода која се користи исклучиво за наводнување на земјоделските површини. Извршен е увид и во моментов интензивно се работи на изнаоѓање технички решенија за ургентна интервенција и санација во најбрз можен рок, а со цел враќање на системот во првобитна состојба“, соопшти АД Водостопанство.
П. ПЕЧКОВ