ПЕНДИКОВ ДОЈДЕ ВО СУДНИЦА ВО ОХРИД, НЕ СЕ ЧУВСТВУВАЛ БЕЗБЕДНО ОТИ ГО НАВРЕДУВАЛЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

    ПЕНДИКОВ ДОЈДЕ ВО СУДНИЦА ВО ОХРИД, НЕ СЕ ЧУВСТВУВАЛ БЕЗБЕДНО ОТИ ГО НАВРЕДУВАЛЕ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИАдвокатот Цобоски потсети дека Пендиков е македонски државјанин и има обврска да се јавува на суд. а тоа што тој престојувал во Бугарија е, како што рече, негов проблем. (Фото: СДК.МК)

    Христијан Пендиков, секретар на сега веќе затворениот бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, денеска за првпат се појави во судница во својство на оштетен за тепачката што се случи на 19 јануари пред кафуле во центарот на градот. Изјави дека се чувствувал небезбедно оти добивал смртни закани и навреди на социјалните мрежи.

    „Лично да се плашам, не се плашам, но не е убаво чуството да добивате по 20, 30 закани смртни, пцовки на Фејсбук, на месинџер“, рече Пендиков кој избегна да каже какво е чувството да биде дел од процес кој прерасна во меѓународен проблем.

    Денешното рочиште беше одложено. Бранителите на првообвинетиот Илија Спасески ја напуштија судницата оти судијата на нивно барање не ја прекина расправата откако обвинителството достави дополнително медицинско вештачење за здравствената состојба на Пендиков. Првообвинетиот Спасески се изјасни дека не се чувствува способен сам да се брани па расправата не продолжи. Обвинителството побара и дополнително прочистување на снимките да се утврди идентитетот на второто лице учесник во тепачката.

    Бранителот на обвинетиот Димитрија Цобоски кажа дека се пробиени законските рокови за дополнително вештачење и дека е потребно време за да се спреми одбраната.

    „Во никој случај не можам да си дозволам да отпочне сослушување а да не знам точно што стои во тоа дополнително вештачење. Застапникот на обвинението требало во фаза на истрага да ги расчисти сите факти и околности пред да поднесе обвинение. Напуштањето на расправата е револт и право на одбраната. Тука се поставува и прашањето зошто оштетениот така брзо ја напушти болницата „Свети Еразмо“ и наместо во Скопје со владин бугарски авион е однесен во Бугарија“, вели адвокатот Цобоски. Според него случајот Пендиков стана меѓународен проблем а ист таков случај на претепување имало истата вечер но никој ниту го спомнал ниту тоа излегло во јавност.

    Пендиков имал тешки здравствени проблеми, па и овојпат поради повредите на прешлените патувал со болки, кажа неговиот бранител кој не знаеше дали ќе биде во состојба да дојде на следното рочиште, на 12 јули, но знаеше дека исказот ќе го давал на македонски јазик оти тука бил роден и тука се школувал.

    „Повредите се тешки и сериозни. Повредите на прешленот на рбетот сѐ уште не му се заздравени и има потешкотии при патувањето“, кажа тој.

    Адвокатот Цобоски пак го потсети дека Пендиков е македонски државјанин и има обврска да се јавува на суд. а тоа што тој престојувал во Бугарија е, како што рече, негов проблем.

    На следното рочиште пред судијата Бојан Мартиноски, ќе сведочат и вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци.

    Во Основниот суд во Охрид досега се изведени материјални докази, а првообвинетиот Илија Спасески, кој се товари за кривично дело „напад од омраза со тешки повреди“, кажа дека го разбира обвинението, но не се чувствува виновен.

    Охриѓанецот Пендиков, сега веќе и бугарски државјанин, во февруари беше пуштен од болницата во Софија, каде што беше однесен на лекување со бугарски владин авион по тепачката во Охрид на 19 јануари. Бугарското министерство за надворешни работи му обезбеди живеалиште во Софија и парична помош. Пендиков, против кого во Македонија има кривична пријава откако при претрес му беше најден кокаин, добил и лично обезбедување од бугарската полиција. Охридското обвинителство го гони и за омаловажување на македонскиот народ и државата. Тој на свечената церемонија на 10 мај на која се интонираше бугарската химна а потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, му го врачи бугарски пасош, се пожали дека Бугарите како него во Македонија трпат притисоци од македонските власти.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира