ОСТАВКА НЕ ДАВАМ ОТИ ЈАС СУМ ВО ПРАВО, ДА НЕ МЕ САБОТИРАА ЌЕ ИМАВМЕ РЕЗУЛТАТИ НЕВИДЕНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА СКОПЈЕ, РЕЧЕ АРСОВСКА

    ОСТАВКА НЕ ДАВАМ ОТИ ЈАС СУМ ВО ПРАВО, ДА НЕ МЕ САБОТИРАА ЌЕ ИМАВМЕ РЕЗУЛТАТИ НЕВИДЕНИ ВО ИСТОРИЈАТА НА СКОПЈЕ, РЕЧЕ АРСОВСКАПрашана дали чувствува одговорност за тоа што Градот не функционира и е во ќорсокак, рече дека таа не е крива за ништо туку политичките партии.(Фото: К.Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска нема да даде оставка ни ако сите советници ги вратат мандатите и побараат нови избори за градоначалник и Совет на Град Скопје. Таа во денешното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизијата „Телма“ кажа дека политичките партии го сакаат тоа од неа, но нема да го видат бидејќи таа била во право, а не тие.

    „Апсолутно не, од мене оставка нема да видат токму затоа што оставка бараат од мене. А, знаете ли зошто? Затоа што јас сум во право. Ако мислите дека јас како поединец ќе издржев притисоци 18 месеци ако не сум во право, грешите. Издржав оти сум во право. Не седам ниеден ден. Секој ден сум прва на работа и последна си заминувам. Да не беа сите овие луѓе кои го саботираат работењето, ќе имавме резултати досега незабележани во историјата на Скопје. Нека им е со среќа ако си дадат оставки, следните советници ќе бидат поконструктивни“, рече Арсовска.

    Прашана дали таа како диригент чувствува одговорност за раштиманиот оркестар и за тоа што градот не функционира и е во ќор-сокак, рече дека таа не е крива за ништо, туку политичките партии.

    „Мислам дека метафората ви е малку погрешна. Да бев јас диригент, тој оркестар ќе свиреше перфектно, но за жал, имате политички елити кои се нефункционални. Јас сум за конструктивност, но чекор треба да покаже и спротивната страна. Политичките партии треба да седнат и да најдат решение за проблемите во интерес на граѓаните, а тоа е преку гласање на проектите кои ги саботираат. Не треба да бидеме ниту пријатели, ниту да пиеме кафе заедно“, кажа Арсовска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира